Кинеската компанија „БајтДенс“ (ByteDance), сопственик на платформата TikTok, соопшти дека ќе ја предаде контролата над американското работење на апликацијата на група инвеститори од Соединетите Американски Држави, со цел да се избегне нејзина забрана во земјата.
Апликацијата TikTok во изминатите години неколкупати беше предмет на обиди за забрана во САД. Првиот таков обид го направи поранешниот претседател Доналд Трамп во 2020 година, на крајот од неговиот прв мандат, со образложение дека апликацијата претставува закана за националната безбедност, пренесува агенцијата Ројтерс (Reuters).
Трамп го одложи спроведувањето на законот со кој се предвидува забрана на TikTok до 20 јануари следната година, доколку кинеските сопственици не го продадат американскиот дел од бизнисот.
Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс (JD Vance), во септември изјави дека вредноста на апликацијата се проценува на околу 14 милијарди долари, иако конечната вредност сè уште не е утврдена.
Контролата над американскиот дел од TikTok ќе ја преземе група инвеститори меѓу кои се технолошкиот гигант „Оракл“ (Oracle), како и компаниите „Силвер Лејк“ (Silver Lake) и „MGX“. Тие ќе поседуваат 80,1 отсто од сопственичките удели, додека „БајтДенс“ ќе задржи 19,9 отсто.
Извршниот директор на TikTok, Шоу Зи Чу, им изјави на вработените дека заедничкото претпријатие ќе функционира како независен ентитет со овластувања за заштита на податоците во САД, безбедноста на алгоритмите, модерирањето на содржините и безбедноста на софтверот.
Тој додаде дека американските сопственици на TikTok ќе управуваат со глобалната интероперабилност на производот и со одредени комерцијални активности, вклучувајќи електронска трговија, рекламирање и маркетинг, одвоено од заедничката сопственичка структура.