Опозициската СДСМ денеска соопшти дека воведувањето кризна состојба во енергетиката е директна последица на, како што наведуваат, криминални тендери, скап увоз на струја и неспособно управување со секторот од страна на владата предводена од Христијан Мицкоски.
Од СДСМ оценуваат дека за само година и половина актуелната власт ја довела ЕСМ до „финансиски и производствен колапс“, поради што, како што велат, сите граѓани ќе плаќаат поскапа електрична енергија.
Според партијата, годинава е забележано историски најниско производство на домашна струја, помалку од 3.000 GWh, иако биле планирани 5.100 GWh. Овој, како што го нарекуваат, катастрофален резултат ја принудил власта да купува електрична енергија од увоз по значително повисоки цени, наместо таа да се произведува во земјава.
СДСМ наведува дека официјалната загуба на ЕСМ за првите два квартали од 2025 година изнесува 77 милиони евра, со проекција дека до крајот на годината таа ќе надмине 100 милиони евра. Дополнително, според соопштението, компанијата земала нови кредити во износ од над 110 милиони евра за само 18 месеци, што, како што истакнуваат, вкупно ја зголемува финансиската дупка на повеќе од 200 милиони евра.
„Ова не е надворешна криза и нема никаква врска со протестите во Грција. Ова е внатрешно предизвикана катастрофа, резултат на криминални тендери, скап увоз на струја и неспособност на власта“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Партијата поставува и низа прашања до Владата, меѓу кои зошто навреме не биле обезбедени енергенси за зимскиот период, зошто на депониите нема најмалку 300.000 тони јаглен и зошто мазутот не бил набавен навреме, туку, како што тврдат, сега панично се бара решение. Од СДСМ прашуваат и дали веќе постои избрана фирма за снабдување со мазут.
Според опозицијата, прогласувањето кризна состојба е обид да се прикрие буџетска дупка од околу една милијарда евра, додека цената за лошите политики, како што наведуваат, на крај ќе ја платат граѓаните.