Во „Директно“ на ТВ Телма, директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) Сашо Клековски, го потврди тоа што го открија инспектори дека матични гинеколози на пациентки им биле наплаќани услуги што треба да бидат бесплатни, односно коишто ги покрива ФЗОМ.
„Наплаќале непотребно за це-деа, за извештаи и други „услуги“, за кои пациентките не се должни да плаќаат. Оваа појава е широко распространета“, рече во емисијата Клековски.
Тој уште наведе дека матичните гинеколози наплаќале услуги без издавање фискални сметки, што го потврдиле од УЈП и ФЗОМ, по засилените контроли и алармот на невладини организации.
ФЗОМ, покрај гинеколошки ординации, врши проширени проверки и во Итната помош, како и во постапките за боледувања и исплата плати.
Според директорот на ФЗО во финансиските аспекти имало и поплаки за двојни наплати и од осигуреникот и од ФЗО.
„Фондот врши контроли исклучиво во здравствените установи со кои има склучено договори. Во Итната медицинска помош најдовме дека имале ценовници по кои наплаќале услуги од граѓаните по свој наод, а не со одобрение на Фондот и Министерството за здравство“, информираше Клековски.
Директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски, се осврна и на проблемот на Клиниката за онкологија, каде што веќе неколку дена не се прават анализи за тумор маркери.