Фемицидот е најекстремната последица на толерираното насилство врз жените и јасен показател за институционален и системски неуспех. Тој не започнува со убиство, туку со игнорирани закани, навреди и страв. Кога институциите не реагираат навреме, тие стануваат дел од проблемот.
Ова го истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето годишно обраќање во Собранието на Северна Македонија.
„Ранливоста ги опфаќа и жените. Не смееме да дозволиме активизмот против родово-базираното насилство да трае само 16 дена, а преостанатите 349 да минат во пасивно толерирање на културата на вербално и физичко насилство. Фемицидот е најекстремната последица на толерираното насилство врз жените и јасен показател за институционален и системски неуспех. Тој не започнува со убиство, туку со игнорирани закани, навреди и страв. Кога институциите не реагираат навреме, тие стануваат дел од проблемот“, нагласи Сиљановска-Давкова.
Затоа, потенцираше претседателката на државата, борбата против фемицидот мора да биде државен приоритет, со нулта толеранција кон секоја форма на насилство врз жените.
„Неопходна е Националната стратегија 2026-2033 и се разбира, проширувањето на мрежата на засолништа со долгорочна поддршка за жртвите. Потребна е професионализација на центрите преку строги стандарди, стручен кадар и брзо лиценцирање на СОС линиите. Промената меѓутоа започнува со образование коешто учи на почит и продолжува со видливост на жените во одлучувањето. Така се создава општество во кое секоја жена ќе живее слободно, достоинствено и без страв“, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето годишно обраќање во Собранието на Северна Македонија.