Новото истражување на ИРЛ за пожарот во кочанскиот клуб „Пулс“ открива дека 50-те жртви веројатно починале од водороден цијанид, а не од јаглерод моноксид.
Според обдукциските наоди, на кој се повикува ИРЛ, хемиското и градежното вештачење, како и новата линија на сведоштва на вклучените во настаните ноќта на 16 март годинава покажува дека во воздухот во клубот „Пулс“ гореле токсични материјали како што е полиуретански сунѓер, кој кога гори испушта водороден цијанид. Обвинителите и вештаците по судска медицина го знаеле ова, но за време на истрагата не гo испитале присуствoтo на цијанид.
ИРЛ ги прегледа исказите на сведоците коишто ги испитувало обвинителството. Преживеаните, пожарникарите, медицинскиот персонал и волонтерите – повеќето од нивните искази исцртуваат патерн – просторот не мирисал на чад, туку на силни, непознати хемикалии кои за неколку минути ги соборувале луѓето на подот, дури и кога имале простор за движење. Дополнителен проблем биле прозорците затворени со лим, непрописно поставената врата. На дел им откажувале нозете, паѓале, губеле свест. Некои излегувале живи и зборувале, за потоа ненадејно да умрат без видливи изгореници.
Документите до коишто дојде ИРЛ, а кои биле дел од истрагата на скопското обвинителство ги зацврстуваат првичните сомнежи – градежното и хемиското вештачење ќе утврдат постоење на токсични отрови, додека обудкциските наоди отвораат сериозни прашања за тоа што навистина ги усмртило жртвите таа ноќ.
Во кусиот одговор до ИРЛ од Судска медицина посочија дека тие постапиле по сите наредби. Но, не одговорија дали можат да исклучат труење од цијанид и колку се сигурни во наведената причина за смрт, имајќи ги предвид крвните анализи. Сакавме да знаеме и зошто тие самите не направиле други испитувања, иако во обдукциите напишале дека ќе направат дополнителни токсиколошки анализи.
Целото истражување можете да го прочитате ако кликнете на овој наслов: „Пулс“ како гасна комора од чад и цијаниден гас – како навистина умреле жртвите во Кочани