РСБСП со празнична кампања против возење под дејство на алкохол

Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), во пресрет на новогодишните и божиќните празници, започна кампања за подигнување на јавната свест за опасностите од управување моторно возило под дејство на алкохол.

Од Советот посочуваат дека празничниот период се карактеризира со зголемено движење на граѓаните, поинтензивен сообраќај, како и бројни прослави и семејни собири, што значително го зголемува ризикот од сообраќајни незгоди со сериозни последици. Алкохолот, како што се наведува, негативно влијае врз психофизичките способности на возачите, ја намалува концентрацијата, го продолжува времето на реакција и ја нарушува способноста за правилно расудување и донесување одлуки во сообраќајот.

РСБСП нагласува дека возењето под дејство на алкохол не е само прекршување на сообраќајните правила, туку и сериозен безбедносен ризик кој директно ги загрозува животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот. Последиците од ваквото неодговорно однесување, како што се посочува, често се долгорочни и ненадоместливи, како за поединците и нивните семејства, така и за општеството во целина.

Во рамки на кампањата, Советот упатува апел до граѓаните да не управуваат моторно возило под дејство на алкохол, навремено да планираат безбедна алтернатива за превоз, како што се јавен превоз или такси-служби, и доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и ограничувањата на брзината, сообраќајната сигнализација и употребата на заштитна опрема. Посебен акцент се става и на зголемена внимателност кон ранливите категории учесници во сообраќајот.

Од РСБСП потсетуваат дека безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност и дека со одговорно однесување секој може да придонесе празничните денови да поминат без трагични настани.

„Пораката е јасна: ако пиеш – не вози, ако возиш – не пиј. Секој живот е важен“, порачуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Зачлени се на нашиот е-билтен