Свлечиште го прекина регионалниот пат кон Старавина во Мариово

Големо свлечиште предизвика сериозно оштетување на регионалниот пат кон селото Старавина, во битолскиот дел на Мариово. Пропаѓањето на коловозот зафатило делница од околу 100 метри, со длабочина од приближно десет метри, поради што сообраќајот беше целосно прекинат во двете насоки.

Лизгањето на земјиштето се случило во ноќта меѓу 22 и 23 декември, по полноќ, кога Државен инспекторат за патишта бил известен дека патната комуникација е во прекин и дека не постои алтернативна делница за движење.

Во текот на ноќта, екипи со камиони и тешка механизација на РЕК Битола и ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта интервенираа на терен, при што беше израмнет и тампониран алтернативен земјен пат за привремено одвивање на сообраќајот.

Од Регионален центар за управување со кризи – Битола информираат дека патот на делницата Битола–Новаци–Маково, кај влезот на депонијата Мегленци, бил целосно затворен поради појавата на свлечиште кое било евидентирано уште на 27 ноември, кога бил извршен и увид од Градежен факултет – Скопје.

„Со координирана активност на сите вклучени служби, веќе е при крај изградбата на земјена девијација во должина од 400 до 500 метри, по која сообраќајот повторно е воспоставен, но се одвива отежнато. Поставена е соодветна привремена сообраќајна сигнализација и се апелира на зголемена внимателност“, соопшти градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски.

Надлежните служби најавуваат дека состојбата на терен ќе продолжи да се следи, со цел трајно санирање на оштетениот патен правец.

Извор: Независен

Зачлени се на нашиот е-билтен