Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека Киев и Соединетите Американски Држави постигнале консензус за неколку критични прашања насочени кон завршување на речиси четиригодишниот конфликт, но дека најчувствителните теми, територијалната контрола во источна Украина и управувањето со нуклеарната централа Запорожје сè уште не се решени.
Изјавата на Зеленски доаѓа во момент кога американската страна на руските преговарачи им претставува план од 20 точки, подготвен по повеќедневни интензивни разговори одржани во американската сојузна држава Флорида.
Според Зеленски, одговорот на Русија се очекува во текот на денот. Тој додаде дека во Украина би можеле да се организираат избори по потпишувањето на мировен договор.
Украинскиот претседател нагласи и дека предложениот американски план не бара Украина формално да се откаже од членство во НАТО, што претходно беше едно од клучните барања на Москва.
Територијалните прашања во источниот индустриски регион на земјата, како и статусот и управувањето со Нуклеарната централа Запорожје, остануваат меѓу најкомплексните теми во тековните дипломатски напори за постигнување траен мир.