Редакцијата на онлајн медиумот Рацин.мк пред точно 10 дена испрати прашања поврзани со статусот на Националниот парк Маврово и со заклучокот на Бернската комисија на Советот на Европа, според кој нема напредок во заштитата на најголемиот националне парк и засолниште на ретки растителни и животински видови.
НП Маврово, всушност веќе не е национален парк, откако во последните најмлаку две години, надлежното Министерство за животна средина и посторно планирање, како и Владата, не го обезбедија репрогласувањето на заштитената област во општината Ростуше-Маврово.
Паркот, иако е прогласен во 1952 година требаше да биде ре-прогласен со нови стандарди согласно законот за природа од 2004 година. Студијата за ревалоризација, врз основа на која треба да се репрогласи Маврово за национален парк, е завршена и објавена на веб страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), пред две години. За таа студија од претходното раководство на ЈУ НП Маврово е добиено позитивно мислење. И тоа е објавено на веб страницата на МЖСПП.
Според обновената Студија за ревалоризација, повеќе од половина од површината на Националниот парк „Маврово“ ќе биде зона на строга заштита и активно управување, а остатокот зона на одржливо користење и тампон зона. Ова е зголемување за над 20 отсто на најстрого заштитените делови на паркот, во споредба со истиот документ што беше изработен во 2012 година. Студијата, која беше завршена во декември 2023 година, утврдува и нови надворешни граници на националниот парк, со кои неговата површина се зголемува за над 1.000 хектари.
Но, со промената на раководството во ЈУ НП Маврово, со владата во 2024 година, се менуваат состојбите. Велат дека студијата не е како што треба и дека треба да се прави нова.
„Тоа е апсолутно неточно зашто сите релевантни фактори имаат позитивно мислење за студијата. После студијата и позитивните мислења, се подготви и Закон за репрогласување на Маворово за национален парк. Законот за запрен во МЖСПП и не е пуштен во процедура за негово донесување“, велат соговорниците на Рацин. мк на оваа тема.
Од ова може да се заклучи дека МЖСПП оваа влада ниту сака да постапува по студијата за ревалоризација, ниту да го донесе законот за репрогласување на Маврово за НП. Само така во ЈУ Маврово ќе може да си работат согласно закон.
Но, додека сето тоа не се озакони, се доведува во прашање статусот на паркот. Бидејќи не е репрогласен, паркот нема менаџмент план кој треба да се направи по репрогласувањето и паркот практично, работи – незаконски.
Од сите овие причини, како што најавивме на почетокот на овој текст, испративме повеќе прашања до Министерството за животна средина пред 10 дена и до објавувањето на овој текст, одговори од таму нема.
Ова се прашањата:
- Зошто се одлага репрогласувањето на Маврово за Национален парк, иако Студијата за ревалоризација на НП Маврово е веќе завршена?
- Зошто не се донесени измените на законот за води и зошто не е готов новиот закон за природа?
- Каков е сега правниот статус на Маврово и какви последици тоа му носи на паркот? Дали е тоа правно одржлива состојба?
- Комитетот на Бернската конвенција реагираше, а статус кво состојбата е нотирана и во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија. Каква порака испраќа нашата држава со ова?
- Како ја коментирате изјавата на директорот на НП Маврово кој рече „Со 26 отсто строго заштитено подрачје нема да постигнеме ништо. Каде и како ќе развиваме туризам, рекреација или сточарство. Никој не може да преживее од собирање шумски плодови, а и откупните цени се ниски. Целта треба да ни биде да понудиме можности, а не сѐ да забраниме. Мислам дека треба прво градиме, а потоа да заштитуваме“?
Просто е неверојатно дека можеби причините за одлагањењето на репрогласувањето на Маврово за национален парк лежи во оваа изјава на актуелниот директор на Националниот парк „Маврово“, Харис Ибраими. Особено во делот на изјавата – „ Треба прво градиме, а потоа да заштитуваме“.
Додека Министерството останува во молк, јавноста останува да се прашува: Дали Маврово ќе биде национален парк или национален срам?