Доналд Трамп изјави дека за САД е неприфатливо кое било решение освен американска контрола на Гренланд, неколку часа пред состанокот на данскиот и гренландскиот министер за надворешни работи со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио во Вашингтон. Според медиумите, средбата од Белата куќа е преместена во зградата „Ајзенхауер“ со цел да се намалат тензиите.
„На САД им е потребен Гренланд поради националната безбедност. Ако ние не го обезбедиме, тоа ќе го направат Кина или Русија“, напиша Трамп на својата социјална мрежа, додавајќи дека НАТО без американската моќ не би бил ефикасен сојуз.
Тој оцени дека Алијансата би била посилна доколку Гренланд биде под американска контрола и нагласи дека секое друго решение е неприфатливо.
Од друга страна, Данска и Гренланд повторија дека островот не е на продажба и дека безбедносните прашања треба да се решаваат во рамки на сојузништвото. Гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен ситуацијата ја опиша како сериозна геополитичка криза и категорично ја отфрли можноста за приклучување кон САД, истакнувајќи дека Гренланд останува дел од Данска. Поради изјавите на Трамп, тој смета дека сега не е момент за разговор за идна независност.
Поддршка за Гренланд изрази и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, додека Франција и Германија предупредија на сериозни последици доколку САД се обидат да го преземат островот.