Пожар во стан во Тетово: загина 76-годишен маж, повреден син

Пожар во стан во тетовскиот урбан блок 70 заврши со трагичен исход, откако 76-годишен маж го загуби животот, а неговиот 51-годишен син се здоби со повреди при обид да го изгаси пожарот и да му помогне на таткото. Настанот се случил во вторникот вечерта, 13 јануари, а од Клиничката болница во Тетово информирале дека повредениот бил донесен на преглед и третман околу 19:49 часот, по што бил пуштен на домашно лекување.

Според информациите од СВР Тетово, на местото извршиле увид јавен обвинител и полициска екипа, а обвинителот наредил обдукција на телото на починатиот и вештачење на станот за да се утврди точната причина за пожарот. Како можна причина се споменува сомневање дека пожарот бил поврзан со плинска боца користена за греење, при што од противпожарната служба посочуваат дека во грејната сезона има зголемен број интервенции во станбени објекти.

Локалните медиуми починатиот го идентификуваа како поранешниот наставник Обрад Стојановиќ, за кого наведуваат дека долги години работел во средното текстилно училиште „Ѓоце Стојчевски-Амбарче“, како и дека бил активен во здруженија на граѓани.

Зачлени се на нашиот е-билтен