„Министерство за иднина“ од Ким Стенли Робинсон – нов роман од издавачката куќа „Илика“

Робинсон

Пред самиот крај на минатата година, во издание на „Илика“, излезе екофикцискиот роман „Министерство за иднина“ од етаблираниот писател на научна фантастика, Ким Стенли Робинсон, во превод на Игор Раиден.

Романот ја истражува можната иднина на светот и создава детална анатомија на надежта за преживување на човекот во идните децении и векови. Занимавајќи се со климатската криза и нејзините општествени и економски последици отвора прашања за опустошувањето и зачувувањето на нашата средина.

Што ќе се случи кога топлотните бранови што ja опустошуваат нашата планета ќе почнат да стануваат сѐ пожешки и посмртоносни, а човештвото полека ќе jа губи контролата врз својата егзистенција? Ова е прашањето на кое се обидуваат да одговорат ликовите во романот „Министерство за иднина“, растргнати помеѓу колективната трагедија и своите лични судбини.

За романот на 28. јануари ќе се одржи книжевен кружок во кафе-книжарницата „Илика“ на кој можат да се пријават заинтересираните читатели преку порака на нивните социјални мрежи.

Ким Стенли Робинсон (1952) е современ американски писател чијшто опус главно е посветен на научната фантастика. Пишува романи, раскази и есеи. Особено е познат по неговата трилогија што ги опфаќа романите Црвен Марс, Зелен Марс и Син Марс, објавувани во деведесеттите години на минатиот век. За своите дела Робинсон е повеќекратен добитник на најзначајните признанија за научна фантастика, наградите „Хуго“, „Небула“ и „Локус“.

Книгата е достапна во кафе-книжарницата „Илика“ со 20% намалена цена до 31. јануари, а исто така, може да се најде и во останатите книжарници низ Скопје.

Зачлени се на нашиот е-билтен