Во јавноста деновиве се појавија реакции и обвинувања дека на Жичницата „Милениумски крст“ на Водно имало расправии со граѓани поради пауза во работењето, особено за време на викенд кога има зголемена посетеност. Од ЈСП Скопје реагираа дека станува збор за погрешно толкување и ширење неточни информации.
Како што информираат од претпријатието, жичницата има јасно утврдено работно време кое со години се применува без отстапки. По секои 30 минути ефективно работење следува пауза од 30 минути, и тоа од економски причини – односно поради високата потрошувачка на електрична енергија при континуирано движење кога нема голем број патници.
„Доколку има зголемен број патници, паузите не се применуваат и жичницата работи без прекин. Според нашата евиденција, во конкретниот случај не е регистрирана таква фреквенција“, соопштуваат од ЈСП, додавајќи дека работното време е јасно истакнато на информативните табли на Средно Водно и на врвот.
Дополнително, од ЈСП потсетуваат дека жичницата не сообраќа секој понеделник и секој последен вторник во месецот, поради редовно одржување – практика која е стандард во сите европски системи од овој тип.
Единствено што функционира – па токму тоа е мета?
Во морето проблеми со кои секојдневно се соочуваат граѓаните – нередовни автобуски линии, нефункционален возен ред, дотраени автобуси, нечистотија, нефункционални постојки и хроничен недостиг од транспарентност – жичницата останува редок пример на систем што функционира согласно правила.
Токму затоа, наместо таа да биде мета на критики, логично е фокусот да се насочи кон вистинските слабости на јавниот превоз во Скопје.
Фактот дека за време на викендите жичницата ја користат и до 3.000 посетители, меѓу кои и туристи, говори дека станува збор за една од ретките јавни услуги што навистина носи корист, и за граѓаните и за градот.
Дополнително, ЈСП информира дека се обезбедени и два транспортера за превоз на домашни миленици, како и можност за превоз на куче-придружник за лица со попреченост – и во жичницата и во автобусите.
Вистинското прашање
Наместо да се создава сензација околу пауза која е јавно објавена и економски оправдана, прашањето што треба да се постави е зошто останатиот дел од јавниот превоз не функционира со исто ниво на организација, транспарентност и почитување на правилата.
Ако нешто во ЈСП функционира – тоа е жичницата.
И токму затоа, таа не треба да биде предмет на осуда, туку пример како треба да изгледа јавна услуга.