Во Призрен, поради изборни манипулации притворени се 109 лица

Косовската полиција објави дека ова е една од најголемите акции спроведени и акции со најголем број апсења во регионот на Призрен.

Главниот обвинител на Основното обвинителство во Призрен, Петрит Криезиу, денес изјави дека 109 лица се приведени по 48 часа, поради сомнение дека манипулирале со гласовите на гласачите на вонредните избори одржани на 28 декември.

Властите изјавија дека претежно се приведени членовите на изборните комисии, а меѓу нив имало и членови на семејствата на кандидатите за пратеници.

Тие се осомничени за фалсификување на изборните резултати, вршење притисок и закани, како и за давање и примање поткуп.

За време на прес-конференцијата, Криезиу рече дека целата манипулација се случила во Општинскиот центар за броење гласови и дека се однесува на гласовите на кандидатите за пратеници.

Според него, ваков вид манипулација не можела да се случи без компромис меѓу комесарите на четирите најголеми политички партии.

„Ќе беше невозможно да се променат сите тие гласови да не беше компромисот на сите комесари, оние кои беа делегирани од четирите најголеми политички партии во Косово, бидејќи системот е таков што комесарите се на некој начин контролен механизам“, рече Криезиу.

Според него, само едно избирачко место, односно една училница, немало злоупотребени гласови, додека бројот на фалсификувани гласови за еден кандидат надминал 6.000.

„Зборуваме за општина Призрен, каде што се додадени не помалку од 40.497 гласови, а одземени се не помалку од 27.520 гласови. Затоа, вкупната разлика на злоупотреби изнесува 68.017 гласови“, рече Криезиу.

Обвинителството изјави дека сега имаат комесари кои соработувале со нив и ги информирале властите за тоа како бил вршен притисок и кој давал мито.

Во овој случај, ниту еден кандидат за пратеник не беше испрашуван, бидејќи обвинителството во Призрен објави дека нема докази против нив, но дека тие можат да бидат повикани како оштетени страни.

Косовската полиција објави дека ова е една од најголемите акции спроведени и акции со најголем број апсења во регионот на Призрен.

Поради големиот број приведени лица, некои од нив беа префрлени и во притворните центри во Приштина.

Во акцијата учествуваа четворица државни обвинители од Одделот за сериозни кривични дела и околу 200 полицајци.

Во меѓувреме, во посебно соопштение, Основното обвинителство во Ѓаковица ја овласти косовската полиција да идентификува одговорни лица во општина Малишево, да собира информации и докази поврзани со сомневања за манипулација со гласовите на кандидатите за пратеници.

Зачлени се на нашиот е-билтен