Кампови за мигранти во Пустец: МАЕИ ја тужи албанската влада

Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), партијата што ја претставува македонската заедница во Албанија, поднела тужба до Управниот суд во Тирана против албанската влада поради одлуката за отворање три прифатни центри за мигранти на територијата на општина Пустец, каде живее македонско национално малцинство. Со тужбата се бара Пустец да биде изземен од државниот план, со образложение дека одлуката била донесена без консултација со локалната самоуправа и без јавна расправа.

Според информациите што ги објавија медиумите, центрите се предвидени во административната единица Зрноско, на спортските игралишта во Пустец и во селото Долна Горица. Од МАЕИ наведуваат дека планот произлегува од национален документ за контингенција за „мешани миграциски текови“ за периодот 2026–2028 година, со кој, во случај на криза, Албанија би формирала повеќе прифатни центри низ државата.

Лидерот на МАЕИ, Васил Стерјовски, оцени дека ваквата одлука претставува директно загрозување на интересите, безбедноста и демографската стабилност на македонската заедница во Пустец, а истовремено е спротивна на уставните и законските норми и на меѓународните обврски на Албанија за заштита на националните малцинства. Партијата тврди дека со преселување и организирано сместување мигранти во општина со автохтоно малцинско население се отвора прашање на долгорочна демографска интервенција, што, според нив, не смее да се спроведува без согласност и учество на локалната заедница.

Во реакциите се нагласува и еколошко-туристичкиот аспект. Стерјовски посочува дека локациите предвидени за центри се на брегот на Преспанското Езеро, додека целата територија на општина Пустец е дел од Националниот парк Преспа – заштитено подрачје со особено еколошко, културно и туристичко значење. Во таа насока, МАЕИ предупредува дека ваквата намена може да го наруши туристичкиот потенцијал, во време кога локалното население бара инвестиции во инфраструктура, земјоделство и одржлив развој за да се сопре депопулацијата.

Од МАЕИ порачаа дека ќе продолжат со правна и институционална борба сè додека, како што велат, не се заштитат правата и достоинството на македонската заедница во Пустец, а нивното главно барање е албанската влада итно да ја отстрани општината од мапата предвидена за прифатни центри за мигранти.

Зачлени се на нашиот е-билтен