Бројот на новорегистрирани заболени од грип во Македонија опаѓа во последните две недели, но педијатрите предупредуваат дека ниските температури и динамиката на сезонските вируси може брзо да донесат нов бран. Иако во амбулантите има помалку пациенти отколку во периодот пред новогодишните празници, лекарите велат дека вирусот и натаму циркулира и дека „затишјето“ не значи крај на сезоната.
Според податоците на Институтот за јавно здравје, во една недела се регистрирани 1.708 лица заболени од грип, што е помалку во споредба со претходната недела. Најголем дел од пријавените случаи се кај деца до четири години, што дополнително ја зголемува потребата од внимателно следење на симптомите и навремена реакција.
Од ИЈЗ не ја исклучуваат можноста за ново зголемување на бројките и апелираат да се почитуваат стандардните мерки за заштита и превенција, особено во затворени простории и во колективи каде вирусите најбрзо се пренесуваат.
Сезоната веќе има и најтешки последици. Од почетокот на сезоната се регистрирани три смртни случаи поврзани со грип, кај повозрасни пациенти, а поради компликации е зголемен и бројот на прегледи на Клиниката за пулмологија. Лекарите предупредуваат дека токму компликациите, а не само високата температура, се најголемиот ризик кај ранливите групи.