Измама во Штип: лажни „лекари“ извадиле 6.500 евра и злато од двајца пензионери

Полицијата во СВР Штип истражува два случаи на измама извршени врз повозрасни лица, при што сторителите се претставувале како лекари и барале пари за „итна операција“ на блиска роднина. Двата случаи, според пријавите, се случиле во текот на истиот ден, со речиси идентична шема.

Во првиот случај, 96-годишен маж добил телефонски повик од лице што се претставило како лекар и му соопштило дека ќерката му има скршеници и мора итно да се оперира. По инструкција, мажот од балкон фрлил 3.500 евра, кои ги подигнало непознато лице што чекало долу.

Неколку часа подоцна, на сличен начин била измамена и 77-годишна жена. Со истата приказна за „тешко повредена ќерка“, таа им предала 3.000 евра, 30.000 денари и златен накит на женско лице кое дошло под нејзиниот балкон. Двајцата оштетени сфатиле дека се измамени дури откако стапиле во контакт со своите ќерки.

Случајот е уште еден сигнал дека старите измамнички сценарија се враќаат со нова агресивност и таргетираат лица што најлесно реагираат во паника. Полицијата работи на идентификација на сторителите и апелира граѓаните ваквите повици веднаш да ги проверат преку директен контакт со роднините и да пријават во полиција.

Зачлени се на нашиот е-билтен