Француските власти уапсија четири лица, меѓу кои и двајца кинески државјани, под сомнение за шпионажа во корист на Кина и обид за нелегално собирање чувствителни сателитски податоци од комуникациската мрежа „Старлинк“, соопшти канцеларијата на јавниот обвинител во Париз.
Според официјалното соопштение, осомничените биле изведени пред истражен судија, кој одлучил на двајца од нив да им биде одреден притвор, додека истрагата продолжува. Информацијата ја пренесе новинската агенција „Ројтерс“.
Јавното обвинителство информира дека Одделот за сајбер-криминал при Обвинителството во Париз истиот ден отворил судска истрага, со цел да се утврдат сите околности и можната поврзаност на осомничените со странски разузнавачки структури.
Истрагата била покрената по откритието дека двајца кинески државјани влегле на француска територија со намера да собираат сателитски податоци од мрежата „Старлинк“ и да пренесуваат чувствителни информации во Кина. Според обвинителството, собраните податоци биле од стратешко значење, особено оние поврзани со воените капацитети.
Француските власти засега не изнесуваат дополнителни детали, повикувајќи се на чувствителноста на истрагата, но нагласуваат дека случајот се третира како сериозна закана по националната безбедност.