ЕУ наместо застој – порака од Филипче и Вајц

Северна Македонија припаѓа во ЕУ, не во изолација, е пораката од денешната средба меѓу претседателот на СДСМ Венко Филипче и постојаниот известувач на Европскиот парламент за земјава, Томас Вајц, на која се разговарало за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес.

Филипче, според партиското соопштение, му се заблагодарил на Вајц за ангажманот во следењето на процесот и за поддршката од Европската Унија и Европскиот парламент за европската перспектива на државата. Во разговорите, тој оценил дека состојбата со евроинтеграциите е „сериозно загрижувачка“, со закочена реформска агенда и недоволна волја за продолжување на европскиот пат.

Во пораките што ги пренесува СДСМ, Филипче нагласил дека европската интеграција не е само политичка цел, туку процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и треба да донесе подобар живот за граѓаните. Во тој контекст, тој порачал дека земјата заслужува да се движи напред, наместо да губи време и да остане изолирана.

Филипче посочил и дека партијата останува посветена на европските вредности и реформи, со став дека иднината на државата во Европската Унија е клуч за поправедна и попросперитетна земја и подобра перспектива за граѓаните.

Зачлени се на нашиот е-билтен