Почина Коста Балабанов, ги пренесуваше вредностите на македонското културно наследство низ целиот свет

Балабанов

На 96 годишна возраст, почина Коста Балабанов, доајен на македонската историја на уметноста и археологија, автор на повеќе од 200 стручни и научни трудови посветени главно на средновековната уметност, филмски и телевизиски сценарист. Долги години беше почесен конзул на Јапонија во Република Македодонија.

Коста Лазаров Балабанов е роден 5.IV.1929 година во Штип. Основното образование и гимназијата ги завршува во родниот град. Непосредно по завршувањето на гимназијата во 1948 година се вработува во Претпријатието за автотранспорт и шпедиција, а потоа работи како сценограф во Народниот театар во Штип. Во 1950 година се запишува на Филозовскиот факултет при Универзитетот “Св.Кирил и Методиј” во Скопје, на катедра по Историја на уметноста со археологија, и дипломира во годината 1955. 1965 година на Универзитетот во Скопје ја брани докторската дисертација, на тема: “Иконописот и иконописните центри во Македонија од доаѓањето на Турците до крајот на 17 век”.

Сеуште како студент, во 1952 година, стапува на работа во тогашниот Централен завод за заштита на спомениците на културата во својство на помошник препаратор. По дипломирањето продолжува со работа во Централниот, односно, Републичкиот завод за заштита на културните споменици и природните реткости на Македонија во Скопје, каде се здобива со звањето приправник конзерватор. 1956 година од Сојузниот завод за заштита на спомениците на културата во Белград е испратен на специјализација во Виена, во Центарот за конзервација (Bundesdek – malamt). Од 1956 година до 1980 година раководи со евиденцијата и документацијата на иконите во Републичкиот завод, посетувајќи над 1340 населени места во Македонија со над 1700 цркви и манастири, евидентирајќи притоа над 18.000 икони.

Од 1959 со 1960 година, престојува во Н.Р. Бугарија, користејќи стипендија за реципрочна размена на стручњаци; работи во Одделот за применета уметност на БАН и во Архивот на БАН за истражување на изворни документи за зографите од Македонија; 1964 год. го стекнува звањето Виш конзерватор; 1966 год. се стекнува со научното звање Научен соработник; член е на изложбите одржани во Париз (1965, 1970 год.) и Јапонија (1967 год.); 1970, е гост професор на Универзитетот во Оксфорд (Merton College), чиј член е и денес; 1976 година е избран за член на ICOMOS; 1978 година е избран за член на ад-хог Комитетот на Европската научна фондација; 1981 година е назначен за Генерален директор на Музеите на Македонија – Археолошки, Етнолошки и Историски.

На 5 април 1989 година се пензионира. Почнувајќи од 1958 година низ сиот период до денес, Коста Балабанов е ангажиран во општествени и културно-уметнички активности. За своите активности има добиено бројни награди и признанија меѓу кои се и: 1975 година Медал и Диплома за извонреден придонес во заштита на културното наследство, на Сојузот на здруженијата на конзерватори на Југославија; 1986, Претседателството на Заводите за заштита на спомениците на културата на Полска, во Варшава, му доделува медал Памјаткови, во знак на признание за успешна соработка; 1995 година, Министерството за надворешни работи на Јапонија го прогласува за истакната личност која придонесува за соработката на Јапонија со странство; Во 2001 година во Токио, Министерот за надвореш ни работи на Јапонија му доделува Сребрен пехар со Златен амблем на Министерството за посебни заслуги околу продлабочувањето на пријателството и соработката помеѓу Јапонија и Република Македонија. Истата година, на конкурсот на Јапонската Државна Фондација, на кој биле пријавени 167 кандидати од целиот свет, Балабанов ја добива како прв од двајцата добитници “Специјалната награда на Фондацијата за 2001 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен