Хаџију на чело на косовското Собрание, избрани се и пет потпретседатели

За потпретседатели на Собранието беа избрани Ардијан Гола од Самоопределување, Влора Читаку од ДПК, Кујтим Шаља од ДСК, Емилија Реџепи од редовите на малцинските заедници и Славко Симиќ од Српската листа.

Аљбулена Хаџију денеска беше избрана за претседателка на Собранието на Косово на конститутивната седница на новиот парламентарен состав.

Како најголема парламентарна група, Движењето Самоопределување предложи кандидат за претседател на Собранието, а нивниот предлог беше Хаџију која беше избрана со 66 гласа „за“, 44 „против“ и осум „воздржани“.

Пратениците на Самоопределување и дел од пратениците од малцинските заедници гласаа за нејзиниот избор, додека пратениците од Демократската партија на Косово (ДПК), Демократскиот сојуз на Косово (ДСК) и Српската листа гласаа против. Дел од пратениците на Алијансата за иднината на Косово беа воздржани.

На изборот на Хаџију му претходеше верификација на мандатите на пратениците и нивно свечено полагање заклетва.

За потпретседатели на Собранието беа избрани Ардијан Гола од Самоопределување, Влора Читаку од ДПК, Кујтим Шаља од ДСК, Емилија Реџепи од редовите на малцинските заедници и Славко Симиќ од Српската листа. Тие беа избрани со гласање во пакет, при што 104 пратеници гласаа „за“, тројца беа „против“, а шест „воздржани“.

По изборот, Хаџију изјави дека ќе ја оправда довербата со секојдневна работа, транспарентност и целосна посветеност.

„Денес ја преземам оваа должност со целосна свест за уставната тежина што ја носи. Ќе ја оправдам оваа доверба со секојдневна работа, транспарентност и целосна посветеност“, изјави Хаџију.

Таа нагласи дека нејзина цел ќе биде Собранието да функционира со достоинство, транспарентност и меѓусебно почитување, во согласност со Уставот, законите и парламентарната пракса.

„Ќе се обидам да се осигурам дека секој од вас ќе го најде својот простор тука со исто достоинство и почит, бидејќи функционалното Собрание е предуслов за силна држава и стабилна демократија“, порача таа.

Хаџију вети дека функцијата претседателка ќе ја извршува непристрасно, со интегритет и целосна институционална посветеност.

По завршувањето на конститутивната седница, таа најави одржување нова седница на која на дневен ред ќе биде изборот на новата Влада на Косово, мандатирана од Аљбин Курти.

Зачлени се на нашиот е-билтен