Во Скопје и Гевгелија ќе се игра Европско во кошарка во Б Дивииза

Македонската кошаркарска федерација ќе биде домаќин на Европското првенство до 16 години – Б Дивизија, кое за првпат ќе се одржи во два града, а КФСМ одлучи покрај Скопје, дел од шампионатот да се одржи во Гевгелија.

„Кошаркарската федерација на Македонија со особена чест и задоволство ја информира јавноста дека на нашата држава ѝ е доверена организацијата на Европското првенство за играчи до 16 години – Б дивизија, кое ќе се одржи во периодот од 5. до 16. август.

Овој значаен спортски настан претставува уште една потврда за довербата која европската кошаркарска куќа ја има во капацитетите и организациските способности на нашата Федерација, но и признание за посветеноста и континуираната работа во развојот на кошарката во Македонија.

Во насока на дополнителна промоција на кошарката и нејзино доближување до што поголем број љубители на спортот, Кошаркарската федерација донесе одлука ова првенство, за првпат, да се реализира во два града – Скопје и Гевгелија.

Досега, вакви и слични меѓународни настани традиционално се организираа во главниот град, но нашата цел е да ја прошириме кошаркарската енергија и во другите средини, истовремено овозможувајќи им на повеќе граѓани да бидат дел од едно големо европско спортско доживување.

Изборот на Гевгелија претставува можност овој град да се претстави во вистинско светло – како одличен домаќин, со својата спортска инфраструктура, гостопримство и организациски потенцијал.

Убедени сме дека, заедно со Скопје, Гевгелија ќе придонесе за успешно и достоинствено организирање на шампионатот на највисоко европско ниво.

Ова Европско првенство ќе биде можност младите кошаркарски надежи од повеќе европски земји да ги покажат своите таленти токму во Македонија, но и можност нашата држава уште еднаш да ја потврди својата посветеност кон развојот на младинскиот спорт.

Кошаркарската федерација на Македонија, во соработка со локалните институции и партнери, ќе вложи максимални напори за организација на првенство кое ќе биде пример за професионалност, спортски дух и гостопримство, на гордост на македонската кошарка и на целата држава.

Добредојдовте во Македонија – домот на идните европски кошаркарски ѕвезди“, порачаа од КФСМ. 

Зачлени се на нашиот е-билтен