Дебитантскиот игран филм „17“ на Косара Митиќ вечерва со светска премиера на Берлинале

Митиќ

Македонскиот игран филм „17“, долгометражното деби на режисерката Косара Митиќ, ќе ја доживее својата Светска премиера во рамките на 76. издание на еден од најпрестижните филмски фестивали во светот –МеѓународниотФилмски Фестивал во Берлин. Проекцијата ќе се одржи вечерва, 18.02.2026 година во Берлин, во Киното “Блумакс“ (Bluemax Theater) со почеток во 19:00 часот.

Успехот со учеството во официјалната компетитивна програма „Перспективи“, е надополнет со фактот дека „17“ е првиот дебитантски македонски игран филм кој во изминатите 26 години се натпреварува за награда во официјална компетиција на еден од големата тројка светски филмски фестивали: Берлин, Кан, Венеција.

Филмот „17“ ќе се натпреварува за наградата Најдобар дебитантски филм (GWFF Best First Feature Award), која е етаблирана во 2006 година и со која Берлинале дава уште посилна поддршка на новата генерација филмски автори.

Годинава, членови на тричленото жири кое ги оценува филмовите во оваа селекција се: Софија Алауи (Sofia Alaoui) – сценаристка и режисерка од Мароко, Фредерик Хамбалек (Frédéric Hambalek) – режисер и сценарист од Германија и Дорота Лех (Dorota Lech)- директорка на Меѓународниот филмски фестивал „Нови хоризонти“. Тие, со нивното искуство и досегашен придонес во светската кинематографија треба да го стават на пиедестал најдобриот талент од конкуренцијата.

Во Берлин, пред големото платно на вечерашната премиера, филмот ќе го претстават: режисерката Косара Митиќ, актерките Ева Костиќ и Мартина Даниловска и продуцентот Томи Салковски, а ќе присуствуваат и ко-сценаристот Огњен Свиличиќ, копродуцентите Мирослав Могоровиќ, Владо Булајиќ и Лија Пограчник, монтажерот Владимир Павловски, продажната агентка Беренис Вeнсан, дел од актерите Жаклина Стефковска Дрнасин, Ана Стојановска, Ева Стојчевска, Даме Јовески, Ирена Димеска, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Алина Христовска, како и членовите од екипата Дејан Крајчевски, Тина Величковиќ и Димитар Атанасоски.

Голема поддршка за филмската екипа е и присуството на Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков и на Директорот на Агенцијата за филм на РСМ, Сашко Мицевски.

Филмот „17“ е македонско-српско-словенечка копродукција, финансиски поддржана од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечки филмски Центар и СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network). Продуцент на филмот е „Црна Мачка Продукција“, во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, а меѓународната продажба на филмот ја работи „Tотем Филмс“ од Франција.

Зачлени се на нашиот е-билтен