Нов владин авион: Мицкоски се повлекува по критиките и зборува за „урнување“

Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата се откажува од набавката на нов владин авион по критиките од СДСМ, но дебатата ја префрли на терен на „преживување“, со порака дека ќе се „молат да останат живи“ и дека „ако се урнеме и починеме, тогаш ќе стане јасно зошто ни треба нов владин авион“.

Мицкоски рече дека на средбите со лидерот на опозицијата Венко Филипче се договориле темата да не се користи за политичко препукување, со аргумент дека воздухопловот го наследува секоја идна влада и може да служи и за хуманитарни цели. Изјавата ја даде одговарајќи на новинарско прашање по конференција за формализирање на неформалната економија.

Во истата расправа повторно се отвори и прашањето што точно има државата на располагање: владиниот „лирџет 60“ е произведен во 2004 година во Вичита, Канзас, во фабрика на Bombardier Aerospace и е во сообраќај од јануари 2005; во регистарот на Агенција за цивилно воздухопловство воздухопловот е заведeн како Z3-MKD, LEARJET LJ60, 2004 година на производство, со корисник Владата/СОЗР.

Политичката тензија се зголеми и поради користењето на авионот за летови што опозицијата ги оцени како „луксузирање“ – конкретно, барањето да се каже кој патувал со премиерот на летот за Сплит. Мицкоски, од своја страна, објасни дека до таму патувал комерцијално, а со владиниот авион се вратил затоа што го пропуштил повратниот лет на Croatia Airlines и имал неодложни обврски.

Според податоци од СОЗР што ги објавила ТВ Телма (за период јуни 2024 – декември 2025), владиниот авион бил употребен 40 пати (без сервисирања и медицински евакуации), а најчеста дестинација била Будимпешта. Во истиот период, најчест корисник била претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по неа вицепремиерот/министер за транспорт Александар Николоски, а авионот го користел и претседателот на Собранието Африм Гаши (меѓу другото и за Џеда). Во текстот се наведува и дека летовите со ознака Z3-MKD порано можеле да се следат на специјализирани сервиси, но од минатото лето тие податоци веќе не биле јавно достапни.

Од Влада на Република Северна Македонија, пак, официјално порачаа дека авионот се користи исклучиво согласно правилник и процедури, дека секое користење е евидентирано и подлежи на институционална контрола, и дека опозицијата ја игнорира „хуманитарната и државничката димензија“, наведувајќи го и ангажманот околу трагичниот пожар во Кочани.

Но токму тука останува суштинската празнина: наместо мерливи аргументи – јавна проценка на состојбата и безбедносните ризици, трошоци за одржување, сценарија „набавка vs. чартер/лизинг“, и јасни правила за објавување на релации, цел и состав на делегации – темата се сведува на политичко надвикување и драматични пораки. А кога државниот ресурс станува тема, јавноста очекува документи и стандарди, не закани со „урнување“ како алиби за секоја наредна одлука.

Зачлени се на нашиот е-билтен