Професорите алармираат, Јаневска тврдо: Нема повлекување

Јаневска

Предлог-законот за високо образование влегува во фаза на отворена конфронтација меѓу Министерството за образование и академската заедница. Наместо приближување на ставовите по низата критики од професори, студенти и опозициски партии, министерката Весна Јаневска јасно порача – повлекување нема да има.

„Нема да го повлечеме Законот за високо образование“, изјави Јаневска, одговарајќи на барањата текстот да се врати на доработка поради сериозните забелешки за автономијата и централизацијата.

Оваа изјава доаѓа во момент кога дел од професорите предупредуваат дека предлог-законот отвора простор за засилено влијание на извршната власт врз универзитетските тела и носењето академски одлуки. Наместо сигнал за компромис, пораката од Министерството се чита како цврст став дека реформата ќе оди напред – со или без согласност од значаен дел од академската фела.

Професорски аларм: централизација наместо автономија

Дел од универзитетските професори предупредуваат дека предложените измени ја засилуваат улогата на Министерството во процеси кои традиционално припаѓаат на универзитетската автономија – од акредитации до внатрешно управување.

Критичарите оценуваат дека наместо да се зајакне квалитетот преку поддршка и инвестирање во научната инфраструктура, текстот создава механизми за административна контрола.

Убивање на автономијата е ако помине измената која предвидува статутот на Универзитет претходно да го аминува Владата, пред да се гласа во Собрание, сметаат професорите.

Исто така определување и фаворизирањето на на стручните и научни списанин=ја по мерка на владата во полза на приватни корпорациии како Web of Science, е заробување на научната мисла во тесни рамки на една компанија, која профитира милиони од тоа.

Во тој контекст, одбивањето да се повлече законот се толкува како сигнал дека власта нема намера суштински да ги ревидира спорните одредби, туку дека јавните дебати ќе останат повеќе формални отколку корективни.

Студентските реакции: „Не сме бројка во табела“

Контроверзиите дополнително се засилија по јавните дискусии околу евентуално укинување или рационализација на студиски програми со мал број запишани студенти. Студентите од програмата „Меѓународни и интеркултурни студии“ реагираа дека ваквите оценки се сведување на образованието на статистика.

„Деструктивно е да бидеме критикувани“, порачаа студентите, нагласувајќи дека мал број запишани не значи и низок квалитет или неважност на програмата.

Поранешни студенти исто така посочија дека проблемот не е во самите програми, туку во пошироките системски слабости – финансирање, кадровска политика и стратегиско планирање.

Политичкиот контекст: линија на судир

Опозициската СДСМ побара повлекување и сериозна ревизија на текстот, предупредувајќи дека се нарушува автономијата на универзитетите.

Но со јасната изјава на Јаневска дека законот нема да се повлече, политичката линија на судир е веќе повлечена.

Реформа без да се слушнат засегнатите

Во момент кога високото образование во Северна Македонија се соочува со хроничен одлив на кадар, финансиски ограничувања и пад на довербата, реформата што треба да донесе стабилност се претвора во нов извор на поделби.

Пораката „нема повлекување“ не е само административна одлука – таа е политичка позиција. А кога станува збор за универзитетската автономија, секоја реформа што се носи без поширок академски консензус ризикува да биде перципирана не како подобрување, туку како обид за централизирана контрола.

Прашањето што останува е дали Владата ќе отвори простор за вистински амандмански дијалог – или законот ќе биде изгласан во атмосфера на недоверба што дополнително ќе ја еродира релацијата меѓу власта и академијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен