Струмички карневал 2026: над 1.000 учесници и маски од странство

На Струмичкиот карневал 2026 годинава ќе учествуваат над 1.000 регистрирани учесници, вклучувајќи 30 маски од Македонија и 11 маски од странство, објавија организаторите.

Главната поворка е закажана за 21 февруари, а програмата ќе трае до 25 февруари, со низа културни и забавни активности кои го ставаат градот во центарот на карневалските случувања во земјава.

Покрај традиционалните поворки и маски, годинава ќе биде изведен и мјузиклот „Аладин и волшебната ламба“, со учество на 130 деца и млади, додека во петокот е најавена изложба на тема „Карневалот – танц на бојата и радоста“.

По завршувањето на поворката, на централната бина на плоштадот „Гоце Делчев“ ќе настапи диџејот Кирил Џајковски, а организаторите истакнуваат дека интересот и бројот на пријавени групи и маски се поголеми отколку минатите години.

За детскиот карневал, што ќе се одржи во недела, се очекуваат над 600 деца учесници, што дополнително ја потенцира важноста на манифестацијата за локалната заедница.

Општина Струмица е главен покровител на настанот, со финансиска поддршка од општинскиот буџет, а активности поддржуваат и Министерството за култура и туризам и приватни компании.

Зачлени се на нашиот е-билтен