Вечерва промоција на романот „Сам во рој“ од Иван Дричко

Романот за деца „Сам во рој“ од Иван Дричко ќе биде промовиран вечерва четврток (19 февруари) во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“, во рамките на манифестацијата „Денови на литературата“.

Книгата е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, и влезе во потесниот избор за наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади за 2025 година. На промоцијата ќе говорат уредничката Оливера Ќорвезироска и писателот Ермис Лафазановски, добитник на наградата „Оливера Николова“ за 2025 година.

„Сам во рој“ раскажува за Љубомир од Скопје, кого сите го викаат Буба – дете што својата страст кон инсектите ја претвора во свет на знаење и утеха, во отсуство на пријателства. Приказната се движи низ темите на осаменоста, различноста и храброста да се биде свој, дури и кога тоа значи „летање спроти ветрот“.

Романот е опишан како благ, но јасен одговор на повеќе горчливи прашања на современото време, нудејќи перспектива дека знаењето и добрината се најсилна заштита од предизвиците. Ликот на Буба ја носи пораката дека различноста не е слабост, туку вредност што може да инспирира и да поврзува.

Иван Дричко е псевдоним на Сашо Кокаланов, новинар, романописец и драмски автор. „Сам во рој“ е негова втора книга за деца, по сликовницата „Непотизам“, објавена во едицијата „Големи зборови за мали уши“.

Промоцијата е отворена за сите љубители на детската литература, родители и млади читатели кои сакаат да се запознаат со нова приказна што зборува за хуманост, прифаќање и силата на знаењето.

Зачлени се на нашиот е-билтен