Прилепски мермер е бренд, традиција и економска можност

Кога се зборува за македонскиот мермер како „бренд“, најчесто се мисли на белата, фино-зрнеста карпа што со децении излегува од прилепскиот регион и завршува на странски пазари како премиум материјал за архитектура и скулптура. Центарот на таа приказна е Прилеп, не само како индустриски град, туку како географска точка врз која се врзуваат рударска традиција, извозна економија и локални буџети што зависат од концесиските надоместоци.

Прилепскиот мермер, препознатлив и под називот „Сивец“, е регистриран трговски знак поврзан со бел доломитен мермер од концесиски подрачја во близина на Прилеп, со природни карактеристики што го прават атрактивен за висока финална обработка. Компанијата што најдиректно се идентификува со оваа суровина е „Мермерен Комбинат“, која ја позиционира експлоатацијата и преработката како извозен производ и како еден од највидливите индустриски брендови што ја носат Македонија на глобалниот пазар на природен камен.

Во овие факти се вклопува и економската порака што деновиве ја испрати министерката Сања Божиновска од терен: „Македонското рударство има знаење, традиција и потенцијал. Нашата задача како институција е да обезбедиме јасни правила, стабилна средина и фер услови за сите. Развојот мора да оди заедно со стандарди, грижа за животната средина и почитување на правилата — само така успехот е долгорочен.“

Економската логика е прилично јасна: мермерот има најголема тежина кога не се продава како суровина, туку како производ со повисока финална обработка – плочи, елементи, специјални формати и нарачки што бараат технологија, CNC-обработка и контрола на квалитет. „Мермерен Комбинат“ во 2024 година пријавува приходи од продажба од околу 31,7 милиони евра, при што речиси целото остварување доаѓа од странски пазари, што практично ја објаснува улогата на мермерот како девизен извозен производ.

Мермерот за Прилеп значи стотици вработени, финансиски придонес кон локалната економија, транспорт и услуги што се врзуваат за рударската активност.

Зачлени се на нашиот е-билтен