Освен долгите колони на бензиските пумпи во Скопје, фоторепортерот на Рацин.мк испрати фотографии за, засега, една затворена бензиска на Макпетрол и долги колони на повеќе други низ градот.
Колоните автомобили започнаа да се создаваат веднаш по објавувањето на новите цени на горивата, што создаде и нервоза меѓу возачите. Граѓаните брзаа да наполнат резервоари, додека метежот, чекањето и зголемената фреквенција на возила ја покажаа првата реакција на ценовниот шок што го донесе новата одлука на РКЕ.
Новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика донесе ценовен удар каков што одамна не е виден на домашниот пазар на горива. Од полноќ дизелот поскапува за 14,5 денари по литар, бензините одат нагоре за по 5 денари, а екстра лесното масло за домаќинство поскапува за 12,5 денари. Со ова, најголемиот товар повторно паѓа врз граѓаните, превозниците и компаниите, во момент кога секое ново покачување директно се прелева врз цените на превозот, храната и услугите.
Според новата одлука на РКЕ, од 10 март во 00:01 часот ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе чини 79,50 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 81,50 денари, а ЕУРОДИЗЕЛ БС ќе достигне 85,50 денари за литар. Екстра лесното масло 1 ќе чини 82,50 денари, додека мазутот се зголемува на 42,586 денари за килограм. Во просек, малопродажните цени на нафтените деривати растат за 14,27 отсто во однос на претходната одлука од 2 март.