Со Велигденските празници завршува циклусот неработни денови во април, а веќе во мај граѓаните ги очекуваат нови слободни денови. Според програмата за неработни денови за 2026 година, за сите граѓани на државата неработен беше 13 април, понеделник, втор ден Велигден, додека за православните верници неработен е и 10 април, Велики Петок.
Веќе следниот месец календарот носи нови можности за продолжен одмор. Првиот таков викенд е околу 1 Мај, Денот на трудот, кој оваа година паѓа во петок. Тоа значи дека работната недела завршува со уште еден неработен ден и се отвора првиот продолжен викенд во мај.
Вториот продолжен викенд е поврзан со 24 Мај, Денот на сесловенските просветители „Св. Кирил и Методиј“. Бидејќи празникот паѓа во недела, неработен ден ќе биде понеделник, 25 мај, што повторно носи споен викенд за сите граѓани.
Мај носи и трет продолжен викенд, но не за сите. За граѓаните од православна вероисповед неработен ден е и 29 мај, петок пред Духовден, што отвора уште еден тридневен одмор на крајот од месецот. За граѓаните од муслиманска вероисповед, пак, 27 мај, среда, е неработен ден по повод Курбан Бајрам, но тој празник не се врзува со викенд.
Така, по априлските празници, мај во календарот носи два продолжени викенди за сите граѓани и уште еден дополнителен за православните верници, што го прави еден од месеците со најмногу слободни денови во првиот дел од годината.