Три недели до криза за гориво, аларм од аеродромите во ЕУ

Mark Harkin, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons
Mark Harkin, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

На европските аеродроми им се заканува системски недостиг од авионско гориво доколку Ормускиот теснец во наредните три недели целосно не се отвори за сообраќај, предупреди авио-индустријата. Организацијата ACI Europe, која ги претставува аеродромите во ЕУ, соопшти дека резервите на авионско гориво се при крај, додека снабдувањето дополнително се оптоварува од „влијанието на воените активности врз побарувачката“.

Во писмо испратено до европскиот комесар за транспорт Апостолос Цицикостас, во кое увид имал Financial Times, ACI Europe предупредува на „растечка загриженост во авио-индустријата поради достапноста на авионското гориво, како и потребата од проактивно следење и дејствување на ЕУ“.

„Доколку сообраќајот низ Ормускиот теснец не се обнови на значителен и стабилен начин во следните три недели, ЕУ ќе се соочи со реален и системски недостиг од авионско гориво“, се наведува во писмото. Се додава дека загриженоста ја засилува и приближувањето на врвот на летната сезона, „кога авионскиот сообраќај го придвижува целиот туристички екосистем од кој зависат економиите на многу земји-членки на ЕУ“.

Цените на горивото двојно зголемени

Некои азиски земји, како Виетнам, веќе започнаа со рационализација на потрошувачката на авионско гориво поради недостиг. Европа досега не се соочила со пошироки недостатоци, но цените на горивото се удвоени, а авиокомпаниите предупредија на можни откажувања на летови. И покрај најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за двонеделен прекин на огнот во војната со Иран, глобалните цени на нафтата останаа високи.

Според податоците на агенцијата Argus Media, референтните цени на авионското гориво за северозападна Европа во четврток изнесувале 1573 долари по тон, што е драстичен раст во однос на околу 750 долари по тон пред почетокот на војната во Иран. Европските авиокомпании тврдат дека имаат доволно гориво за неколку недели, но добавувачите не можат да гарантираат испораки во мај.

Потребен е надзор на ниво на цела Унија

Минатиот викенд четири италијански аеродроми воведоа ограничувања на авионското гориво поради проблеми кај еден од клучните добавувачи. Иако овој недостиг не беше директно поврзан со Ормускиот теснец, низ кој поминува околу 40 проценти од светската понуда на авионско гориво, тоа ја покажува ранливоста на системот. ACI Europe во писмото побара воспоставување систем за следење на снабдувањето на ниво на целата Европска унија за да ѝ се помогне на индустријата во координација на одговорот на кризата.

„Во моментов не постои систем за мапирање, проценка и следење на производството и достапноста на авионското гориво на ниво на целата ЕУ“, се наведува во дописот. „Криза во снабдувањето сериозно би го загрозила работењето на аеродромите и авионската поврзаност, што носи ризик од тешки економски последици за погодените заедници, но и за цела Европа во случај на системски недостиг“.

Авиокомпаниите веќе го намалуваат бројот на летови

Авиокомпаниите веќе почнаа да ги намалуваат услугите бидејќи поради повисоките цени на авионското гориво некои линии станале неисплатливи. Американската Delta Air Lines оваа недела објави дека ќе го намали капацитетот за 3,5 проценти, што вклучува некои летови во средината на неделата и ноќни летови, со цел да го ублажи ударот од повисоките цени.

Компанијата очекува дополнителните трошоци за гориво од април до јуни да изнесуваат две милијарди долари. Air New Zealand исто така откажа некои летови поради повисоките трошоци, а полски LOT го намалува бројот на летови на помалку популарните линии и најавува поскапување на авионските билети.

Зачлени се на нашиот е-билтен