Туристите им се преку глава – Капри со казни до 700 евра

Островот Капри веќе не може да го издржи огромниот прилив на туристи – дневно пристигнуваат и до 50.000 посетители. Голем дел од нив се таканаречени „влези и замини“ туристи, односно остануваат само неколку часа, доаѓаат масовно со бродови и фериботи и го преоптоваруваат и островот и луѓето – и туристите кои престојуваат повеќе денови и трошат повеќе, но и локалното население. При тоа, овие краткорочни посетители трошат многу малку пари, а често носат и сопствена храна и пијалаци.

Улиците на Капри се многу тесни и практично е невозможно да се движи низ нив кога ќе навлезе голем број посетители. Затоа е воведено ново правило – движење само во групи до 40 лица. Водичите мора да користат слушалки наместо мегафони, за да се намали бучавата, а забрането е и носење големи чадори како ознака за група. Казните за прекршување се движат од 25 до 694 евра, а важат и за оние кои се обидуваат со чамци да пристапат на островот надвор од пристаништето.

На лицата кои не се резиденти им е забрането да пренесуваат автомобили со ферибот во периодот од март до ноември. Исто така, забрането е чамците да се приближуваат до заштитените морски зони, како што се „Фараљони“.

Први со вакви мерки против масовниот туризам започнаа во Венеција, каде се ограничува бројот на туристи и се наплаќа влез во градот. Фонтана ди Треви во Рим воведе билет од 2 евра и ограничен број посети дневно. Но Капри е многу помал простор, каде во најфреквентните часови бројот на посетители сериозно го нарушува животот на околу 13.000 жители.

Првите кои мора да ги почитуваат новите правила се туристичките оператори, за кои се предвидени казни до 500 евра доколку донесат повеќе туристи од дозволеното. Казни има и за оние што агресивно им нудат услуги на туристите – како излети, екскурзии или прошетки со чамци околу островот. Токму тие, со наметлив пристап, дополнително придонесуваат за масовноста што го загрозува нормалниот живот на оние што престојуваат подолго и плаќаат за својот престој.

Зачлени се на нашиот е-билтен