Во војна без победник, Нетанјаху како најголем губитник

Нетанјаху

Во војна во која нема победник, израелскиот премиер изгледа како најголем губитник додека влегува во кревко и нејасно примирје со Иран, оценува Гардијан.

По години закани од страна на Бенјамин Нетанјаху кон Иран, неговите настапи во Генералното собрание на ОН, контроверзните досиеја што постојано ги пласираше во светските медиуми и дипломатскиот притисок врз последователни американски претседатели да се согласат на војна против Иран, израелскиот конфликт завршил како целосен неуспех, пишува во анализата Guardian.

Проценката на американската разузнавачка заедница дека израелските очекувања за промена на режимот и револуција во Иран биле „фарса“ се покажала точна. Израелската проценка дека војната ќе трае неколку дена или, во најлош случај, неколку недели, се покажала целосно погрешна.

Дури и два дена пред тоа, според израелски Канал 12, Нетанјаху го убедувал Доналд Трамп да не прифати примирје. Американскиот претседател накратко упатил закани кон Техеран, но потоа попуштил, при што Израел, според некои извештаи, бил маргинализиран во донесувањето одлуки.

Опозицискиот лидер Јаир Лапид изјавил дека Израел никогаш не бил толку далеку од процесот на одлучување за сопствената безбедност и дека станува збор за политичка катастрофа.

Лидерите на опозицијата и аналитичарите оценуваат дека Нетанјаху не успеал да постигне ниту еден од целите што самиот ги поставил – ниту пад на режимот во Иран, ниту сериозно слабеење на неговите капацитети.

Според анализата, Иранскиот режим останал функционален и покрај нападите, а неговата воена структура дури и се консолидирала, бидејќи преживеал интензивен напад од две големи воени сили.

Нападите оставиле оштетен, но не и урнат режим, кој најверојатно ќе се обиде брзо повторно да се вооружи и да бара одмазда.

Во поширок контекст, се наведува дека Израел, поради војната во Газа и обвинувањата за сериозни прекршувања, дополнително ја влошил својата меѓународна позиција.

На дипломатско ниво, расте критиката и во САД, каде поддршката за Израел се намалува и кај прогресивците и кај делови од конзервативната сцена.

Внатрешно, Нетанјаху се соочува со политички последици, бидејќи војната не донела ниту еден од најавените стратешки резултати.

Според дел од аналитичарите, ситуацијата потсетува на претходни неуспешни конфликти, каде политичките цели не биле остварени, а последиците останале долгорочни.

Во текстот се заклучува дека, и покрај преговорите и примирјето, основните безбедносни проблеми остануваат нерешени, а политичката цена за Нетанјаху и Израел дополнително расте.

Зачлени се на нашиот е-билтен