Стотици бензински пумпи во Ирска останаа без гориво

Ирска се соочува со сериозни нарушувања во снабдувањето со гориво откако протестите против поскапувањето ескалираа и доведоа до блокада на клучна енергетска инфраструктура во земјата.

Полицијата денес интервенираше за да ги отстрани демонстрантите кои ја блокираа единствената рафинерија за нафта во Ирска – „Вајтгејт“, како и неколку пристаништа, терминал за гориво и главни сообраќајници во Даблин. Демонстрантите, кои користеле трактори и камиони, со денови го попречувале движењето на нафтените испораки.

Протестите се разгореа по растот на цената на дизелот од над 20% од почетокот на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран, што предизвика бран незадоволство меѓу возачите и транспортниот сектор.

Ирската влада соопшти дека поради блокадите, стотици бензински пумпи низ земјата останале без гориво, што дополнително го нарушило нормалното функционирање на транспортот и дел од службите за итни интервенции.

Ситуацијата, според властите, создава ризик од поширока енергетска и логистичка криза доколку блокадите продолжат.

Снимки од јавниот сервис RTE прикажуваат полициски единици како потиснуваат демонстранти и отстрануваат блокади во реонот на рафинеријата „Вајтгејт“. На терен биле ангажирани специјални тимови и тешка механизација за да се овозможи влез на цистерни со гориво.

Полицијата потврди дека најмалку едно лице е приведено, додека повеќе обиди за блокирање биле спречени во текот на акцијата.

Министерот за финансии Сајмон Харис оцени дека ситуацијата претставува „исклучително опасен момент“ за ирската економија, додека премиерот Мајкл Мартин предупреди дека земјата би можела да биде принудена привремено да одбие нови испораки на нафта доколку кризата продолжи.

Властите апелираат за смирување на тензиите, предупредувајќи дека продолжените блокади може да предизвикаат сериозни последици за снабдувањето со енергенси и функционирањето на критичната инфраструктура во земјата.

Зачлени се на нашиот е-билтен