Како падна Виктор Орбан?

Орбан

По цели 16 години на власт, Виктор Орбан доживеа изборен пораз во Унгарија, а според анализата на Politico, клучните причини се економската криза, губењето на младите гласачи и неуспешната надворешна политика.

Иако во јавноста се создаваше впечаток дека контролата е цврста, Орбан, според аналитичарите, навестувал дека резултатот може да биде неизвесен. Дури и кога американскиот потпретседател Џеј Ди Венс јавно му даде поддршка и предвиде победа, Орбан реагирал резервирано.

Ситуацијата почна да се менува со појавата на Петер Маѓар на почетокот на 2024 година. Неговото влегување на политичката сцена доведе до пад на поддршката за владејачката партија Фидес.

Опозицијата успеа да се обедини околу една цел – смена на Орбан – што значително ја зголеми нејзината сила на изборите.

Еден од пресвртните моменти бил скандалот со помилување на лице осудено за прикривање злоупотреба на деца. Токму ова го поттикнало Маѓар, тогаш дел од системот, јавно да се спротивстави на власта.

Објавени аудио-снимки дополнително ја разнишаа довербата во институциите и го нарушија имиџот на власта како „заштитник на семејните вредности“.

Неуспех на терен и протестен бран

Маѓар ја искористи кризата и започна интензивна кампања низ целата земја, директно комуницирајќи со граѓаните, заобиколувајќи ги провладините медиуми.

Орбан се обиде да возврати со сличен пристап, но со значително помал одзив и чести протести. Во еден момент дури беше и исвиркан од публика – сцена што стана вирална и симболично го означи падот на неговата поддршка.

Кампањата на Орбан силно се потпираше на надворешната политика и предупредувања за војна. Сепак, обвинувањата за блискост со Русија и протекување на чувствителни информации кон Сергеј Лавров ја поткопаа неговата позиција.

Слоганот „Руси, одете дома“, кој некогаш беше дел од неговата политичка историја, повторно се појави – но овојпат насочен против него.

Економијата го оттурна електоратот

Како што се приближуваа изборите, економијата стана централна тема. Инфлацијата растеше, платите реално опаѓаа, а граѓаните сè потешко го поднесуваа растот на трошоците за живот.

Недоволните инвестиции во здравството и образованието дополнително го засилија незадоволството.

Иако Орбан доминираше во традиционалните медиуми, на социјалните мрежи изгуби чекор. Маѓар успеа да изгради силна онлајн поддршка преку директна комуникација и вирални содржини.

Најголемиот удар за Орбан беше губењето на младите гласачи. Според анкетите, околу две третини од нив застанале зад опозицијата.

На крајот, токму младите излегоа на улиците на Будимпешта да го прослават поразот на долгогодишниот лидер.

Зачлени се на нашиот е-билтен