Хакерски напад на „Booking“ – клиентите да ги проверат сметките

Интернет платформата за резервации на сместување „Booking.com“ ги предупреди своите корисници дека била цел на хакерски напад, при кој неовластени лица добиле пристап до дел од личните податоци и информации поврзани со резервации.

Од компанијата со седиште во Амстердам соопштија дека по откривањето на сомнителната активност веднаш биле преземени мерки за ограничување на инцидентот, вклучително и ажурирање на безбедносните PIN-кодови за засегнатите резервации и информирање на корисниците.

Пристап до имиња и контакт-податоци

Иако не е прецизирано колку корисници се погодени, од „Booking“ наведуваат дека хакерите можеби имале пристап до имиња, е-пошта адреси, телефонски броеви и детали од резервации. Компанијата нагласува дека, според досегашните информации, финансиските податоци на корисниците не биле компромитирани.

Во известување испратено до клиентите се наведува дека дел од изложените информации може да вклучуваат и дополнителни податоци кои корисниците ги споделиле со објектите за сместување.

Повик до корисниците

„Врз основа на досегашната истрага, пристапените информации може да вклучуваат детали од резервациите, имиња, е-пошта адреси, телефонски броеви и други податоци поврзани со сместувањето“, стои во соопштението на компанијата.

„Booking.com“ ги повика корисниците да ги проверат своите сметки и да бидат внимателни на можни сомнителни пораки или обиди за измама.

Зачлени се на нашиот е-билтен