По 16 години власт, Виктор Орбан го призна поразот на парламентарните избори во Унгарија, каде што беше поразен од опозицискиот кандидат Петер Маѓар. Но, Орбан не е единствениот губитник, ниту пак Маѓар е единствениот победник на овие избори.
Според речиси целосно преброените гласови, Маѓар освои 138 од вкупно 199 пратенички места, со што обезбедува двотретинско мнозинство и широки овластувања за спроведување реформи. Таквиот резултат му овозможува и уставни измени, што веќе ги најави преку планови за ограничување на мандатот на премиерот и реформи во институциите.
„Унгарците денеска ѝ кажаа ‘да’ на Европа и на слободна Унгарија“, порача Маѓар пред насобраните во Будимпешта, повикувајќи ги поддржувачите на поранешната власт во институциите да се повлечат. Орбан, пак, најави дека неговата партија Фидес, со околу 55 мандати, ќе делува од опозиција – драматичен политички пресврт во земјата.
Европската унија
Со заминувањето на Орбан, Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта добиваат политички поттик. За време на неговото владеење, Унгарија често користеше вето и блокираше клучни одлуки, вклучително и помошта за Украина и санкциите кон Русија. Сега во Брисел се очекува полесно донесување одлуки и постабилна соработка.
„Унгарија ја избра Европа“, изјави фон дер Лајен, додавајќи дека очекува „ресет“ на односите со Будимпешта и деблокирање на европските фондови.
Украина
Украина би можела директно да профитира, бидејќи се очекува новата власт да ја деблокира финансиската помош од ЕУ. Претседателот Володимир Зеленски ја поздрави победата и изрази подготвеност за соработка. Сепак, Маѓар има повнимателен став и се противи на испорака на оружје и пари, што значи дека нема целосно усогласување со политиките на Брисел.
Младите во Унгарија
Младите гласачи одиграа клучна улога во промената на власта. Нивното незадоволство од економските услови, корупцијата и ограничувањата на медиумите беше двигател на промените. Маѓар им се заблагодари, ветувајќи инвестиции во образование, дигитализација и вработување.
Новинарите и лекарите
Независните новинари, и покрај притисоците, помогнаа во откривање на афери и одржување на критички јавен дискурс. Новата власт најавува реформи и поголема медиумска слобода. Лекарите исто така може да имаат корист, бидејќи се планираат поголеми инвестиции во здравството и мерки за задржување на медицинскиот кадар.
На листата на губитници се:
Доналд Трамп и Џеј Ди Венс
Американските лидери отворено го поддржуваа Орбан, гледајќи во него идеолошки сојузник. Поразот претставува удар за Вашингтон, кој губи важен партнер во ЕУ.
Бизнис круговите блиски до Фидес
Компаниите поврзани со Орбан, кои имаа привилегиран пристап до државни договори и европски фондови, би можеле да ги загубат тие позиции. Маѓар најави борба против корупцијата и ревизија на спорните договори.
Русија
Претседателот Владимир Путин губи значаен сојузник во ЕУ. Иако новата власт најавува прагматичен однос поради енергетските врски, јасно е дека ќе биде поблиска до Брисел отколку до Москва.
Европската десница
Поразот на Орбан е удар и за десничарските популистички движења во Европа, кои во него имаа силен лидер и пример. Овој резултат може да ја промени политичката рамнотежа во рамки на Европската унија.