Кој го контролира светскиот пазар на автомобили?

Глобалниот автомобилски пазар продолжува да се концентрира во неколку клучни региони, а Кина и понатаму убедливо го држи првото место, далеку пред конкуренцијата.

Со дури 27,3 милиони продадени автомобили во 2025 година, Кина останува апсолутен лидер, оставајќи ги зад себе Соединетите Американски Држави, каде се продадени 16,3 милиони возила. Само овие две економии сочинуваат околу 47% од глобалната продажба на автомобили.

Кога кон нив ќе се додаде и Западна Европа, вкупната продажба достигнува 58,68 милиони возила, што претставува речиси две третини од светскиот пазар, односно околу 63%.

Во рамки на Европа, Германија се издвојува како клучен играч, рангирана на петтото место во светот со 3,12 милиони продадени автомобили. Веднаш зад неа е Обединетото Кралство со 2,33 милиони, додека Франција бележи 1,99 милиони продадени возила и, заедно со Италија, е меѓу ретките пазари со пад.

Од регионот, Хрватска е на 62. место со 77.406 продадени автомобили, додека Унгарија има значително подобар резултат со над 153 илјади. Словенија е на 67. место со 64.700 возила, а Србија на 81. позиција со 36.771 продадени автомобили.

Иако фокусот е на најголемите пазари, остатокот од светот има значајна улога. Во 2025 година, надвор од главните три региони се продадени 33,73 милиони возила. Тука спаѓаат пазари како Индија, Бразил, како и земјите од Африка, Блискиот Исток и Југоисточна Азија.

Овие податоци покажуваат дека иако Кина и САД остануваат доминантни, растот во економиите во развој постепено го менува глобалниот баланс. Денес, секое трето возило продадено во светот доаѓа токму од овие „нови“ пазари, кои стануваат сè поважни за иднината на автомобилската индустрија.

Зачлени се на нашиот е-билтен