Американските компании сè почесто ги избегнуваат класичните зголемувања на цените на производите, а најмногу рестораните, хотелите, авиокомпаниите, трговците и други фирми сè почесто ги раздвојуваат поскапувањата во посебни ставки. Тоа се најчесто нови дополнителни надоместоци и такси кои се појавуваат на екраните за наплата или на месечните сметки – често многу помалку забележливи. На тој начин растечките трошоци им ги префрлаат на потрошувачите во услови на нагол пораст на инфлацијата.
Ресторани, хотели, авиокомпании, трговци и други фирми сè почесто ги раздвојуваат поскапувањата во посебни ставки. Тие често се означени како „надомест за гориво“, „услужна такса“, „такса за обработка“ или „ризорт такса“. Тоа им овозможува да ги задржат рекламираните цени, но сепак да ги пренесат зголемените трошоци предизвикани од инфлацијата на купувачите.
Често овие трошоци се појавуваат дури на конечната сметка, одвоени од првично прикажаната цена.
Надомест на крајот од оброкот
Еден од најчестите примери е дополнителната такса за користење кредитна картичка. Таа ја применува една третина од малите бизниси во САД. Компаниите се обидуваат да ги надоместат провизиите што им ги наплаќаат картичните компании така што им наплаќаат на клиентите дополнителни 2% до 4% ако плаќаат со картичка наместо во готово.
Повеќе од 15% од рестораните низ земјата сега додаваат дополнителни трошоци на сметката на крајот од оброкот, според податоците на Националната асоцијација на ресторани. Некои воведуваат такси за картички, додека други применуваат автоматски бакшиш или нејасни „услужни такси“ за да ги покријат зголемените трошоци за набавки или плати.
Авиокомпаниите ги рекламираат цените на билетите без вклучени скриени даноци и такси. Тие можат да ја зголемат крајната цена за околу 20% при купување. Превозниците како American, Alaska Airlines, Delta, United и Southwest овој месец најавија зголемување на надоместоците за багаж за 10 долари по торба за да ги покријат зголемените трошоци за гориво предизвикани од војната со Иран.
Grab, компанија за превоз и достава на храна која котира на Nasdaq и работи во Југоисточна Азија, соопшти дека ќе воведе надомест за гориво до 31 мај. Uber Австралија најави привремен надомест за гориво од пет центи по километар, почнувајќи од 15 април.
На што треба да се внимава
Потрошувачите веројатно ги очекуваат нови поскапувања и дополнителни надоместоци, бидејќи и компаниите се соочуваат со нови трошоци. Amazon воведе надомест за гориво од 3,5% за продавачите од трети страни. UPS, FedEx и USPS исто така воведоа зголемувања поврзани со горивото од 3,5% до 8%, откако војната со Иран ги зголеми цените на енергијата.
Експертите наведуваат дека логистичките компании имаат мал избор освен да ги надоместат нагло зголемените цени на горивото. Дури 30% до 40% од продавачите на Amazon кои се погодени од оваа такса веројатно директно ќе ја префрлат на купувачите.
Сопственик на бренд за машка облека Ash & Erie изјави дека таксите за гориво се „царина 2.0“ и дека најверојатно ќе мора да ги зголеми цените.
Слично, дистрибутерите на свежа храна им наплаќаат дополнителни трошоци на рестораните и продавниците за да ги покријат повисоките цени на дизелот, што наскоро може да се пренесе и на потрошувачите. Се очекува цените на намирниците да пораснат за 2% во следните недели.
Дали овие надоместоци ќе исчезнат?
Веројатно не. Често се воведуваат како привремено решение, но потоа стануваат трајни. На пример, услужните такси во рестораните се појавија за време на пандемијата, но многу останаа и по подобрувањето на условите. Надоместоците за багаж во авиосообраќајот беа воведени за време на скокот на цената на нафтата во 2008 година и не беа укинати. Слично, привремените такси кај рент-а-кар компаниите по 11 септември 2001 година останаа и по закрепнувањето на индустријата.
Директорот на Delta Air Lines, Ед Бастијан, неодамна посочи дека цените на авионските билети веројатно нема да паѓаат дури и ако цената на нафтата се намали.
„Потрошувачите обично помалку обрнуваат внимание на дополнителните надоместоци отколку на основните цени“, изјави Вики Морвиц, професорка по маркетинг на Универзитетот Колумбија, за Wall Street Journal.