Инфлацијата во еврозоната во март се зголеми на 2,6 отсто, од 1,9 отсто во февруари. Во рамки на Европска Унија, годишната инфлација во март достигна 2,8 отсто, во споредба со 2,1 отсто еден месец претходно, соопшти статистичката служба Евростат.
Најниска годишна инфлација во март е забележана во Данска (1 отсто), како и во Чешка, Кипар и Шведска (по 1,5 отсто).
Највисока стапка на инфлација во ЕУ има Романија – 9 отсто, по што следуваат Хрватска со 4,6 отсто и Литванија со 4,4 отсто.
Од вкупно 27 земји членки, во март инфлацијата се намалила во три држави, останала непроменета во една, а пораснала во дури 23 земји.
Годишната базична инфлација, која ги исклучува цените на храната, алкохолот, тутунот и енергијата, во еврозоната изнесувала 2,3 отсто во март, што претставува благо намалување во однос на претходниот месец.
Сепак, главен двигател на растот на инфлацијата било поскапувањето на енергијата од дури 7 отсто на месечно ниво. Така, годишниот раст на цените на енергијата во март достигнал 5,1 отсто, по период во кој тие бележеа пад и придонесуваа за намалување на инфлацијата.
Покрај тоа, цените на услугите пораснале за 3,2 отсто на годишно ниво, додека индустриските производи поскапеле за 0,5 отсто.
Најголем придонес во мартовската инфлација во еврозоната имале услугите (1,49 процентни поени), потоа енергијата (0,48 поени) и храната (0,45 поени).
Инфлацијата во Србија во март изнесувала 2,8 отсто, што е на исто ниво како просекот во Европската Унија.