Хотелските компании во Хрватска и Црна Гора веќе ја отворија сезоната на вработувања, со засилена потрага по работници за летото 2026. Според проценките, на двaтa пазари ќе им бидат потребни меѓу 90.000 и 100.000 сезонци.
Најбарани профили и оваа година се келнери, готвачи, помошен кујнски персонал, хигиеничари и рецепционери. Туристичката сезона трае до пет месеци, а во околу 90 проценти од случаите работодавците нудат сместување и оброци, додека дел од нив обезбедуваат и слободен ден неделно.
Иако интересот традиционално е поголем за Хрватска поради повисоките плати, годинава процедурите за работни дозволи се построги, па се очекува дел од работниците да се пренасочат кон Црна Гора.
Во Црна Гора, платите за сезонска работа најчесто се движат од 750 до 2.500 евра. За келнери и работници во миење садови се нудат од 750 до 1.200 евра, додека помошни готвачи, рецепционери и хигиеничари заработуваат меѓу 800 и 1.500 евра. За искусни готвачи платите достигнуваат и до 2.500 евра.
Во Хрватска, пак, заработката е повисока и се движи од 1.000 до 3.000 евра. Келнерите можат да заработат од 1.000 до 1.900 евра, помошниците готвачи од 1.200 до 1.800 евра, додека платите за готвачите достигнуваат и до 3.000 евра. Хигиеничарите добиваат меѓу 1.200 и 1.400 евра.
И покрај повисоките плати во Хрватска, построгите административни услови може да ја променат распределбата на сезонската работна сила ова лето.