Земјотрес со јачина од 5,5 степени ги погоди Пакистан и Авганистан

Земјотрес со интензитет од 5,5 степени според Рихтеровата скала утрово го погоди пограничниот регион меѓу Пакистан и Авганистан. Тресењето на земјата беше почувствувано во северозападната пакистанска покраина Хајбер-Пахтунхва и регионот Гилгит-Балтистан, како и во главниот град Исламабад и во неколку области на соседен Авганистан, пишува агенцијата Анадолија.

Пакистанската метеоролошка служба соопшти дека епицентарот на земјотресот бил во регионот Хиндукуш, на длабочина од 199 километри.

Жителите на северен Пакистан пријавија краток, но забележлив потрес, а слични потреси беа почувствувани во неколку авганистански провинции. Според авганистанската телевизиска станица TOLOnews, земјотресот беше почувствуван околу 7:30 часот по локално време во неколку области, вклучувајќи го и главниот град Кабул.

Властите објавија дека во моментов нема извештаи за жртви или голема материјална штета од двете страни на границата, но нагласуваат дека проценката на ситуацијата на терен сè уште е во тек.

Зачлени се на нашиот е-билтен