И покрај најавите за државна интервенција, ограничената изградба на нови станови тешко може да влијае врз пазар кој е воден од силна побарувачка и засилен интерес од странски инвестициски фондови. Во изминатите неколку години, цените речиси се удвоија, а трендот на раст продолжува и во 2026 година.
Ако во 2019 година просечната цена на квадратен метар се движеше меѓу 750 и 800 евра, денес во централното градско подрачје на Скопје таа достигнува меѓу 2.100 и 2.400 евра, додека во останатите населби се движи од 1.500 до 1.800 евра. Просекот на крајот на март 2026 изнесува 2.144 евра за квадрат, што е годишен раст од над 17 проценти.
Плановите на државата да влијае врз цените преку изградба на станови се ограничени – во наредниот период се предвидени само 255 комерцијални станови во Скопје, што е значително помалку од повеќе од 1.000 станови годишно што ги гради приватниот сектор. Дел од нив ќе се градат во населбите Даре Џамбаз, Дебар Маало и Чаир, додека дополнителни објекти се планираат и во други градови низ државата.
Според податоците за 2025 година, пазарот на недвижности останува активен и атрактивен за инвестирање. Реализирани се над 33 илјади трансакции, од кои речиси 23.500 се купопродажби, додека закупите бележат значителен раст. Вкупната вредност на пазарот достигнува 1,14 милијарди евра.
Иако бројот на продадени станови бележи благ пад, нивната вкупна вредност расте, што укажува на континуиран пораст на цените. Во најактивните општини – Центар, Аеродром и Карпош – цените по квадрат се движат од околу 1.400 до 1.700 евра.
Рекордот за најскап квадрат е поставен во Општина Аеродром, каде стан е продаден по цена од 3.784 евра за квадратен метар, додека најскапата куќа достигнала 1,5 милион евра, а деловен простор дури 6,8 милиони евра.
Паралелно со растот на цените, расте и интересот за изнајмување. Вкупната месечна закупнина на национално ниво изнесува околу 4 милиони евра, при што становите сочинуваат најголем дел од закупите и бележат двоцифрен раст.
Сите показатели упатуваат дека, и покрај благо намален број трансакции, вредноста на пазарот и цените продолжуваат да растат – тренд кој, барем засега, не покажува знаци на забавување.