Гринпис постави „ветерница“ на голф теренот на Трамп во Шкотска

Активисти на „Гринпис“ поставија импровизирана ветерна фарма на голф терен во Шкотска, во сопственост на американскиот претседател Доналд Трамп, рано утрово. Во 6:30 часот наутро, кога првите голфери пристигнуваа во клубот „Трамп Тарнбери“, група активисти поставија ветерна турбина на четвртата дупка, заедно со транспарент со пораката „Избери ветер, отфрли го Трамп“, се вели во соопштението на „Гринпис“.

„Доналд Трамп сака да нè задржи како доживотни членови на неговиот Заливски клуб“, рече Лили-Роуз Елис, раководителка на климатските кампањи за Гринпис Велика Британија, играјќи на англискиот назив за зборот „залив“, сличен на името на спортот (голф).

Во тој клуб, „секој пат кога ќе започне нелегална војна, сметките вртоглаво растат“, а поддржувачите на Трамп од нафтената индустрија „заработуваат милијарди“. Активистот нагласи дека Трамп ги мрази обновливите извори на енергија, кои се „најдоброто осигурување од хаосот што го предизвикал“.

„Ветерните и соларните фарми изградени откако започна војната во Украина ни заштедуваат 7 милиони фунти секој ден откако Трамп го нападна Иран и повторно ги зголеми цените на гасот. Повеќе чиста енергија што не зависи од Ормутскиот теснец или руските гасоводи може да ни заштеди пари, да ја зајакне безбедноста и да го реши проблемот со климатските промени“, рече таа.

Пред шест дена, американскиот претседател се огласи на социјалните мрежи за да ја повика Велика Британија да „дупчи“ во Северното Море, во порака во која ги критикуваше ветерните фарми.

Анкетите покажуваат дека околу две третини од шкотските гласачи веруваат дека Велика Британија не треба да ги следи повиците на Трамп за зголемување на екстракцијата на нафта и гас, туку треба да се фокусира на зголемување на обновливите извори на енергија, соопшти „Гринпис“.

Зачлени се на нашиот е-билтен