ЕУ планира да воведе евтино гориво Е20 низ цела Европа

Србија

Европската комисија, предводена од Урсула фон дер Лајен, разгледува воведување на поевтино гориво Е20, кое содржи 20 проценти биоетанол. Предуслов за негово воведување на пазарот е прилагодување на Директивата на ЕУ за квалитет на горивото.

Иницијативата доби на интензитет откако тројца европратеници од ЦДУ – Петер Лизе (60), Јенс Гизеке (54) и Норберт Линс (48) – кои долго време се залагаат за Е20, добија писмо од претседателот на Комисијата.

Во писмо до кое дојде „Билд“, Урсула фон дер Лајен наведува: „Според важечките прописи, максималната дозволена содржина на етанол во бензинот е 10 проценти (E10). Комисијата ја признава улогата што поголемите пропорции на биогорива можат да ја играат во декарбонизацијата на постојниот возен парк. Како дел од прегледот на законската рамка за горива, Комисијата ќе разгледа одобрување на поголеми пропорции на етанол (E20). Притоа, ќе ги земе предвид особено можните проблеми поврзани со компатибилноста на постојните мотори на возилата со ова гориво, како и потребата од стимулирање на инвестициите во напредни биогорива.“

 Досега, ова еколошко гориво беше достапно само на неколку бензински пумпи во Германија, но сега може да се воведе низ цела Европа.

„Биогоривата го прават горивото поевтино. Ефектот е моментален и не бара нова инфраструктура. Ова е конкретен придонес кон заштитата на климата што директно влијае на милиони Европејци“, изјави експертот за климатска политика, Петер Лизе, за „Билд“. Неговиот колега Јенс Гизеке, портпарол на ЕНП за транспортна политика, додаде: „Одржливите биогорива се неопходна алатка за брза и општествено прифатлива декарбонизација на транспортниот сектор. За автомобилската индустрија и потрошувачите, E20 е решение што функционира денес. Производители како што се BMW, VW и Mercedes веќе ја одобрија употребата на E20 за понови мотори.“

Норберт Линс, потпретседател на Комитетот за земјоделство, исто така ги истакна економските придобивки: „Домашниот биоетанол создава додадена вредност во руралните средини и ја зајакнува безбедноста на снабдувањето во Европа“.

Енергетската криза, исто така, предизвика дискусии за подобра употреба на биогорива не само за бензин, туку и за дизел. Маслото од репка доаѓа во фокусот како алтернативно и домашно гориво. Според експертите цитирани од „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, горивото од репка е многу слично по квалитет со дизелот. Иако има малку пониска енергетска вредност на литар, поради поголемата густина се смета за речиси подеднакво вредно. Експертите, исто така, забележуваат дека дизел моторите, во принцип, можат да користат и растително масло како гориво.

Зачлени се на нашиот е-билтен