Ирската нискобуџетна авиокомпанија „Рајанер“ најави затворање на својата база во Берлин и намалување на бројот на летови од и кон германската престолнина, поради зголемени оперативни трошоци, повисоки аеродромски такси и даноци во Германија. Одлуката е дел од стратегија за оптимизација на мрежата и пренасочување на капацитетите кон поевтини европски аеродроми.
Според најавата на компанијата, седумте авиони кои биле базирани во Берлин ќе бидат преместени во други европски земји каде оперативните трошоци се пониски. Во исто време, „Рајанер“ ќе продолжи да сообраќа кон Берлин, но без базирани авиони, што значи помал број на директни линии и намалена фреквенција на летови.
Компанијата наведува дека високите аеродромски такси и државните давачки во Германија ја прават операцијата во Берлин економски неисплатлива, особено во споредба со други европски пазари каде се нудат поповолни услови за нискобуџетните превозници.
Одлуката се очекува да има влијание врз понудата на летови и можностите за патување од Берлин, особено во сегментот на евтини авио-врски.