Голем пожар го зафати романското село Рукарени, во општината Совеја во округот Вранча, при што беа погодени 32 домаќинства, а над 300 жители беа евакуирани. Огнот се проширил брзо поради силниот ветер, а дел од куќите, од кои многу биле дрвени, изгореле до темел.
Пожарот избувнал во неделата наутро во една куќа, по што за кратко време се проширил кон соседните домаќинства. Локалните власти наведуваат дека првичните информации укажуваат оти огнот можеби тргнал од дом на постара жителка која се обидела да запали оган, а силниот ветер го пренел пламенот кон другите куќи.
Романските служби за итни случаи испратиле засилување од повеќе окрузи. На терен интервенирале 13 противпожарни возила со вода и пена, екипи на СМУРД, повеќе од 220 пожарникари, полиција, жандармерија и доброволни служби од соседните места. Поради големото количество чад, до населението била испратена и предупредувачка порака преку системот RO-ALERT.
Според досегашните информации, нема загинати лица. Медицинските екипи им помогнале на пет лица, од кои четири имале напади на паника, а едно лице имало повреда на раката. Две лица биле пренесени во болница.
Локалните власти најавија згрижување на семејствата што останале без дом. Дел од жителите треба привремено да бидат сместени во културен центар, локални пансиони и други објекти што ги обезбедуваат општината и округот. Од округот Вранча соопштија дека по целосното гаснење ќе почне расчистување на урнатините и процена на штетите.
Пожарот бил локализиран, но екипите останале на терен за догасување на жариштата и спречување ново ширење. Силниот ветер во Романија истиот ден предизвика проблеми во повеќе региони, со оштетени покриви, паднати дрвја и прекини во снабдувањето со електрична енергија.