Трендафилов го прозва Љутков за колективниот договор во културата

Министерот за култура Љутков под притисок за колективниот договор во културата, откако претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, во гостување во емисијата „Аргумент“ на Телевизија 24 оцени дека министерот, од позиција на функционер, поинаку гледа на барањата на културните работници отколку кога и самиот бил дел од таа професија.

Трендафилов рече дека вработените во културата очекувале, со доаѓањето на Љутков на министерската функција, да добијат човек кој ги разбира нивните проблеми и кој ќе помогне да се надминат состојбите што со години водат кон протести и штрајкови во април и мај.

„Веројатно порозов е светот кога сте функционер отколку кога сте и вие работник како и вашите колеги“, порача Трендафилов, алудирајќи дека Љутков, додека бил глумец, веројатно силно го поддржувал колективниот договор за културните работници.

Според претседателот на ССМ, проблемот не е само во висината на платите, туку во непочитувањето на веќе потпишаните обврски. Тој посочи дека во културата има поединци со повисоки примања, како првенци во балетот или во актерската професија, но дека средната плата во секторот се движи меѓу 35.000 и 45.000 денари.

Трендафилов предупреди дека обидот за рушење на колективниот договор во културата може да предизвика домино ефект врз целото колективно договарање во земјата. Според него, културните работници не бараат ништо повеќе од тоа што веќе е потпишано и утврдено како правило.

Зачлени се на нашиот е-билтен