Несреќа во Србија однесе четири животи денеска околу 13 часот на автопатот Рума–Шабац, откако возач на „форд“, според првичните информации, се вклучил во погрешен правец и се судрил со „голф“ во кој имало четири лица.
Во тешката сообраќајна несреќа загинал возачот на „фордот“, кој се движел во спротивна насока. Во „голфот“ две лица починале на местото на несреќата, а уште едно лице подоцна им подлегнало на повредите во болница. Едно лице со тешки повреди е хоспитализирано.
Според информациите што ги пренесуваат српските медиуми, темносивиот „форд“ се движел во контранасока со брзина од околу 130 километри на час, пред да удри во црниот „голф“. Пред судирот, на социјалните мрежи се појавиле предупредувања од други возачи дека автомобил се движи во спротивен правец на автопатот.
Возачот и патник од „голфот“ биле пренесени со возила на итна помош и згрижени во болниците во Шабац и Сремска Митровица. Младо лице на 24 години, кое било примено со тешки повреди на градниот кош, починало во болницата во Сремска Митровица.
На делот од автопатот кај Хртковци, каде што се случила несреќата, бил создаден застој, а надлежниот обвинител вршел увид за утврдување на точните околности.