Што се случува кога мажите чувствуваат дека не се доволно мажествени? Социо-психолошка студија покажува дека таквото чувство има видливи последици за целото општество. Мета-студијата е објавена во списанието „Personality and Social Psychology Review“.
Истражувачки тим од германските универзитети Кајзерслаутерн-Ландау и Касел анализирал повеќе од 100 студии кои го разгледувале прашањето – што се случува кога мажите се чувствуваат несигурно или загрозено во врска со нивната мажественост.
Како експериментите можат да предизвикаат несигурност
Речиси 20.000 мажи кои учествувале во овие студии прво биле експериментално предизвикани да бидат несигурни во врска со сопствената мажественост. Авторката на студијата, Леа Лоренц, објаснува дека ова е постигнато преку тестови и задачи, по што мажите добиле повратни информации дека нивното однесување е под просекот на она што се смета за „мажествено“.
Во една студија за преговарачки вештини, на пример, на учесниците им било кажано дека се многу повлечени, срамежливи и воопшто не се доминантни.
Во други студии, машките стереотипи биле намерно прекршени – со тоа што на испитаниците им се презентирале тврдења дека мажите станале послаби, поженствени во текот на децениите или дека повеќе не се во можност финансиски да ги издржуваат своите семејства. Сето ова, според социјалниот психолог Лоренц од Техничкиот универзитет Кајзерслаутерн-Ландау, многу ефикасно довело до чувство на ранливост.

Емоционални реакции на мажите
Откако чувството на таканаречена закана за машкоста се активирало, мажите обично реагирале на тоа со силни емоции – гнев, страв и непријатност. Многумина реагирале на тоа чувство, односно на перцепцијата дека не се доволно машки, со усвојување однесувања што ги сметале за „помашки“.
На пример, со поизразена дискриминација кон жените и хомосексуалните мажи, на кои им биле одземени еднакви права. Тие исто така почесто поддржувале поагресивни политики, се залагале за поседување оружје, поголеми и потешки автомобили – накратко, се обидувале повеќе да се вклопат во доминантните машки стереотипи.
Леа Лоренц наведува дека мажите во тие ситуации почесто се залагале за дејствија „кои се обидуваат да го вратат повисокиот статус на мажите во општеството, на пример со вознемирување на жените“. Во некои експерименти, мажите седеле значително подалеку од отворено геј мажите отколку испитаниците кои не биле изложени на чувство на закана.
Looksmaxing и маносферата
Едно од движењата што има за цел да ја зајакне наводната машкост е таканареченото looksmaxing. Како дел од овој тренд, мажите се стремат да изгледаат помажествени со интензивно градење мускули, а некои дури и се подложуваат на козметичка хирургија – вклучително и процедури што им ја кршат виличната коска – со цел да постигнат најактуелни машки црти на лицето.
Социјалниот психолог Лоренц верува дека овој тренд е многу проблематичен, бидејќи на младите мажи, особено, им се кажува на исклучително експлицитен начин колку е „лошо“ да се биде недоволно мажествен. Слични модели, предупредува таа, се присутни и во таканаречената маносфера, каде што преку постапките на актери како што е инфлуенсерот Ендру Тејт, се поттикнуваат стравови и притисок дека мажот мора да биде „вистински“, „алфа“ маж за да биде успешен со жените.

Маносферата е името за интернет сцена што ги слави идеалите за машкост врз основа на доминација и омаловажување на жените. Како еден вид стратегија за продажба, според Лоренц, на младите мажи прво им се всадуваат пораки како што се: „Не си машки, не си доволно добар, никој не те сака, нема да постигнеш ништо во животот“. Какви последици имаат ваквите пораки во реалниот живот на младите мажи, во моментов може само да се претпостави.
Последици од несигурната машкост
Резултатите од анализираните студии укажуваат на јасен образец. Мажите кои се несигурни во врска со својата машкост покажуваат помала емпатија и помала подготвеност да простат. Во исто време, беше изразено силно отфрлање на сексуалните малцинства и жените, чии еднакви права се негираат генерално.
Покрај тоа, политичките ставови на таквите мажи честопати, откако ќе се почувствуваат загрозени, се движат во конзервативна и авторитарна насока. Затоа оваа тема, смета Лоренц, е од големо значење за целото општество.
Идеали за машкост и социјални последици
Социјалниот психолог објаснува дека целото општество ги трпи последиците ако несигурните мажи, во обид да го вратат својот машки статус, сè повеќе поддржуваат воинствени дејствија и повторно се потпираат на патријархалните структури.
Сепак, ова не ја олеснува положбата на самите мажи. Идеолошкиот јаз, особено меѓу младите мажи и младите жени, се продлабочува. Додека помладите мажи, како што вели Лоренц, „се движат сè повеќе кон конзервативни идеологии“, младите жени во исто време имаат тенденција да се наклонуваат повеќе кон лево. Ова дополнително ги зголемува социјалните тензии. Отфрлањето што младите мажи потоа можат да го доживеат од жените, пак, може да ги продлабочи нивните несигурности.

Како да им се помогне на мажите
Според Лоренц, на мажите им е потребна поддршка во градењето слика за себе што нема да зависи од никаков ригиден идеал за машкост, туку од позитивни вредности и основни животни ставови.
Важно е, истакнува таа, да се „прошири сликата што ја имаме за мажите“. Иако улогата на жените значително се прошири во последните децении и вклучи особини што претходно се сметаа за „машки“, сликата на општеството за мажите остана тесна и силно стереотипизирана.
„Сè уште се смета за многу проблематично ако мажот се однесува на начин што се перцепира како женски, и поради тоа често е санкциониран – социјално, од други мажи, но делумно и од жени“, вели Лоренц.
Затоа, заклучува тој, потребна е широка општествена дискусија за тоа што значи да се биде мажествен денес и кои позитивни машки квалитети општеството би сакало да ги види и охрабри.